• четврток, 12 март 2026

Објавен превод на „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент

Објавен превод на  „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент

Скопје, 13 јануари 2026 (МИА) - Издавачката куќа „Илика“ објави превод на студијата „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент, клучно дело од областа на политичката филозофија на XX век. Трите главни теми на кои се фокусира авторката се основите, историскиот развој и социјално-политичките последици на империјализмот, на антисемитизмот и на тоталитаризмот.

-На овој начин се создава широка историска панорама во која се посочуваат клучните и универзални точки што влијаеле врз зачнувањето и развивањето на современите облици на општествена репресија. Оттука, книгата е исклучително важна поради нејзината универзална релевантност за дефинирањето, анализирањето и разобличувањето на феноменот на тоталитаризмот, чиишто облици се присутни и во современото општество. Седумдесет и четири години по објавувањето на првото издание сѐ уште треба да се навраќаме и потсетуваме на аспектите од политичка теорија на Хана Арент, меѓу кои се радикалното зло и тоталната доминација, за да ја размислиме и да ја сфатиме сегашноста, соопшти издавачката куќа.

Преводот на книгата е на Катерина Јосифоска која во поговорот на книгата посочува дека Хана Арент во „Изворите на тоталитаризмот’ пишува за „лесното, односно очекуваното надживување на тоталитарните идеи над самите тоталитарни режими, при што нивните искушенија ќе се појавуваат во неможноста да се справиме со ‘политичката, општествената или економската беда на начин којшто е достоен за човекот’“.

-Тоа го покажуваат и денешните удари насочени кон уништувањето на другите, масакрите, геноцидите и катастрофите на „етничко чистење“ - сево ова што го имаме посведочено низ последните децении на XX и во првите децении на XXI век, кое како сениште стои над нашите глави и нê повикува да се потсетиме на зборовите на Арент за нескршливоста на таквите искушенија“, пишува преведувачката во поговорот на книгата која е објавена со поддршка на Гете институт и Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка. хс/вј/

Фото: корица на книга / издавачка куќа „Илика“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан