Објавена програмата за четвртото издание на Фестивалот „Преку езерото“, Лазар Ристовски добитник на наградата „Мето Јовановски“
- Директорот на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, Јани Бојаџи, денеска заедно со уметничкиот директор на Фестивалот Небојша Јовановиќ го најавија четвртото издание кое ќе се одржи од 7 до 12 август на три локации во Дојран.
Скопје, 10 јули 2025 (МИА) – Директорот на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, Јани Бојаџи, денеска заедно со уметничкиот директор на Фестивалот Небојша Јовановиќ го најавија четвртото издание кое ќе се одржи од 7 до 12 август на три локации во Дојран.
Како што посочи Бојаџи во своето обраќање, еден од најважните сегменти на Фестивалот, покрај неговата програма, е доделувањето на високата награда за актерско достигнивање во уметноста на филмот „Мето Јовановски“. Директорот на Фестивалот соопшти дека добитник на овогодинешното фестивалско издание е актерот Лазар Ристовски.
– Мето Јовановски го познавав професионално, јас сум еден од малкуте кои имаат снимано со Мето Јовановски, односно само јас и Столе Попов имаме снимено по три филма со Мето Јовановски. Го познавав и приватно, бевме пријатели за арно и за лошо. Тој е една од оние последни југословенски филмски приказни кои доаѓаат од Македонија. Факт е дека Мето Јовановски беше лице кое на просторите на бивша Југославија беше препознавано секаде како свој. Сум го доживеал тоа лично и во Словенија и во Хрватска, во Босна и Херцеговина, во Србија, Црна Гора, дури и во Бугарија. За жал, не напушти трагично и прерано, затоа во негова чест ја доделуваме оваа награда. Минатата година ја доделивме на актерот Владо Јовановски, еден од бардовите на македонското филмско актерство, истакна Бојаџи.
Тој кусо се осврна на овогодинешната официјална програма составена од долгометражни и кусометражни филмови, како и на неофицијалната програма на Фестивалот, односно програмата за деца и млади која ќе се одржува на детското игралиште во Градскиот парк на Дојран и програмата за студенти и дебитанти која ќе се одржи во Музејот на Дојран.

– Ќе имаме долгометражен игран филм за деца и богата програма на анимирани филмови за деца, бидејќи да бидеме искрено тоа е нашата иднина. Имаме обврска како луѓе кои доаѓаме од кинематографијата, но и од образованието. Да не заборавиме дека филмот има две функции, односно да забавува и да образува. Почнуваме со програмата за деца и млади, потоа се селиме кон програмата за студенти и дебитанти. Минатата година „Преку езерото“ направи работилница која на тројца студенти на завршните години на универзитетите по филм во Македонија им додели три целосни проекти. Ги финансиравме финансиски, технички, организациски, продукциски и сите три проекти се во фаза на пост-продукција, истакна Бојаџи.
Во врска со главната натпреварувачка програма, уметничкиот директор Јовановиќ, најави шест медитерански приказни за кои, рече, носат силна провокација во визуелна и наративна смисла. Изборот на филмови, рече, е направен така што се задржува тематската разноликост и културолошки диверзитет, преку застапеност на неколку културолошки матрици.
– Гледачите ќе имаат можност да го проследат романскиот филм „Новата година која што никогаш не дојде“, за којшто би рекол дека е ехо на тој нов романски бран којшто се уште трае. Силно ангажиран филм кој ни дава детален увид за случувањата во последните денови од владеење на познатиот романски владетел Чаушеску. Понатаму филмот „Кога летото ќе помине“, кој е копродукција помеѓу Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина. Се работи за семејна драма во која што се чувствува ехото на фашистичка Хрватска за време на втората светска војна, пренесувајќи се во денешна современа Хрватска, поточно Далмација, каде една млада жена всушност доаѓа да го истражи своето материјално наследство, преку кое дознава многу за себе си. „Месо“ на младиот грчки режисер Димитрис Накос. Филм којшто алудира на античка грчка трагедија која ги вклештува карактерите во таа силна драма преку едно убиство кое што ќе се случи и ќе ги засегне сите карактери, рече Јовановиќ.
Четвртиот филм, посочи тој, е италијанскиот „Било каде, било кога“, за една многу актуелна тема.
-Како што знаете Европа е преплавена со емигранти од истокот. Преку карактер емигрант којшто живее во Торино ни го слика социјалното милје во Италија. Понатаму „Помеѓу боговите“ на младиот српски режисер Вук Рашумовиќ. Во него учествуваат актери од Авганистан, приказна за едно авганистанско семејство кое што на бегалската рута се затекнува во Белград и се случува тешка драма. Главниот лик е жена која дознава дека нејзиниот брат на таа рута го загубил својот живот, по што таа заглавува во системот и администрацијата во Србија, како и словенечнкиот филм „Мали палави девојки“, подвлече Јовановиќ. ра/вг/
Фото: МИА