• петок, 22 ноември 2024

Објавена „Писателот во функција на јазикот“ од Димитар Пандев

Објавена „Писателот во функција на јазикот“ од Димитар Пандев

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Во издание на „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат книгата „Писателот во функција на јазикот“ од  универзитетскиот професор, лингвист и писател Димитар Пандев. На страниците од своето најново истражувачко и научно дело тој низ примери од литературата согледува и анализира круцијални појави, а посебен акцент става на македонскиот јазик во функција на македонската нација  и на македонскиот народ меѓу лингвистиката на коренот и на кодот.

- Во уводните страници Пандев упатува на констатацијата дека писателот, сам по себе и сам за себе, е појава, личност, институција-движечка сила на јазикот и на културата во општеството. Книгата „Писателот во функција на јазикот“ е дело на ерудит, на научник кој повеќе децении во континуитет се посвети на истражување и афирмирање на македонскиот јазик и со право денес може да се вброи во славната група на македонски јазикословци, кои со успех го продолжуваат делото на Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески, велат од  „Матица македонска“.     

Од 1981 година Димитар Пандев постојано работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, поминувајќи ги сите звања до редовен професор, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Ги предава предметите општа лингвистика и историја на македонскиот јазик.

Од областа на Лингвистика и филологија ги објавил делата:„Кратка словенска граматика, критичко издание“, „Карпинско евангелие, критичко издание“, „Говорење и пишување“, „Македонија – лулка на словенската писменост“, „Пристап во македонската лингвокултурологија“, „Охридска читанка“, „Општа граматика на македонскиот јазик“, „Вовед во македонистиката“,„ Македонска хрестоматија“, „Општа реторика (дискурсна лингвистика)“, „Претпочитани предизвици“, „Меѓу црквата и чаршијата“, „Слова за свети Климент Охридски“, „Охридска писменост“, „Окружието на Конески“, „Слова и согледби за Блаже Конески“, „Времето на Конески“,„Историски портрет на македонскиот литературен јазик“, и последното „Писателот во функција на јазикот“.

За својата дејност добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу нив и на наградите „Гоце Делчев“ (1996), „13 ноември“ на град Скопје (2007), на „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2010), на „Најдобар научник на УКИМ“ за 2018 година, на „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија“ (2021) и други. ир/са/

 

Фото: Матица македонска

Остани поврзан