• петок, 22 ноември 2024

Објавена Монографијата „Еснафот во казата Пазарџик (Добрич) во втората половина на XIX век со посебен осврт на печалбарите од Османлиска Македонија

Објавена Монографијата „Еснафот во казата Пазарџик (Добрич) во втората половина на XIX век со посебен осврт на печалбарите од Османлиска Македонија

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Во издание на Институтот за јавни политики (ИПП) од Скопје излезе од печат книгата „Еснафот во казата Пазарџик (Добрич) во втората половина на XIX век со посебен осврт на печалбарите од Османлиска Македонија“ од авторот м-р Неџад Мехмедовиќ.

Како што наведува издавачот, монографијата е плод на неколкугодишно истражување на авторот во ориенталниот оддел на Националната библиотека „Св. Кириј и Методиј“ во Софија, Република Бугарија. За нејзината подготовка беа преведени, обработени и анализирани вкупно 404 османски документи (уверенија – дозволи) за практикување занает со податоци за годишната заработка и платениот данок во периодот од 1866 до 1873 година.

Монографијата е структурирана во предговор, три тематски поглавја, заклучни согледувања и осум прилози. Тематските поглавја се насловени како: Каза Пазарџик (Добрич) - главен трговски центар на Јужна Добруџа во втората половина на XIX век; Еснафот во казата Пазарџик во втората половина на XIX век; и Печалбарите од Османлиска Македонија во казата Пазарџик во втората половина на XIX век. Прилозите претставуваат дополнителна база на податоци од целокупното истражување, при што тие се директно поврзани со текстот на монографијата.

-Податоците, изнесени во монографијата, претставуваат новост како за македонската така и за регионалната историографија и со нив се проширува хоризонтот на перцепција за социо-економските состојби на Балканот во втората половина на XIX век, истакнува во рецензијата кон монографијата доц. д-р Армен Жарноски од Институтот за национална историја.

Според гл. ас. д-р Мина Христова од Бугарската академија на науките, книгата претставува интересно четиво поради пристапот избран од авторот паралелно да ги разгледува документите кои ги обработува со веќе постојната литература на оваа тема.

-На тој начин тој ги потврдува податоците и воедно ја збогатува сликата која ја создава, притоа обликувајќи ја претставата за Добрич како мултикултурен град во кој егзистирале голем број трговци од сите краишта на империјата и пошироко, истакнува во рецензијата кон монографијата д-р Христова.

Во заклучните согледувања на книгата авторот ќе истакне: „Многу од работите во Добричката чаршија и чаршиите ширум Бугарија се менливи и минливи. Вкусната баница и пресната боза остануваат секојдневие кое ќе сведочи дека мајсторите од далечните краеви на Османлиска Македонија биле присутни меѓу еснафот, вложувајќи го сопствениот труд за секојдневните навики за вкусен појадок за жителите да бидат исполнети.“

М-р Неџад Мехмедовиќ (Скопје, 1985) е асистент-истражувач и докторант на Институтот за национална историја во Скопје. Негово поле на научен интерес се политичката историја, османистиката, јавните политики, меѓународните односи, миграциските движења и човековите права. Автор и уредник е на вкупно пет книги и на над триесет статии и анализи од различни научни области од општествените науки на македонски, англиски, босански, српски и на бугарски јазик.

Книгата „Еснафот во казата Пазарџик (Добрич) во втората половина на XIX век со посебен осврт на печалбарите од Османлиска Македонија“ ќе биде достапна за читателската публика во книжарниците ширум земјата од почетокот на април. вг/са/

Фото: ИПП


 

 

Остани поврзан