• петок, 22 ноември 2024

ОБСЕ/ОДИХР се подготвени да испратат мисија за набљудување на избори, тврди Заев

ОБСЕ/ОДИХР се подготвени да испратат мисија за набљудување на избори, тврди Заев
Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) -  Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР  денеска јавно се изјасни дека тие се подготвени да испратат мисија за набљудување на парламентарните избори. Денеска и Министерството за надворешни работи достави писмо дека изборите по закон и по Устав треба да се одржат на 5 јули, така што и тоа е утврдено, информираше претседателот на СДСМ Зоран Заев, во интервјуто на ТВ 21. Тој рече дека никој не очекува мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде како што беа набљудувачките мисии пред да се појави коронавирусот. - Но, мисија ќе има овде. На крајот на денот ризикот за нарушување на изборниот процес е помал, затоа што нема групирање. Во оваа ситуација однапред има поголема гаранција дека изборите ќе бидат фер и демократски, бидејќи и кампањата повеќе ќе биде електронска, преку социјални медиуми, телевизии, билборди... Нема да има големи митинзи, па може и да научиме и друг вид на кампањски приод, кој ќе помогне за уште поголема демократизација на општеството. Секоја криза е можност, констатираше Заев.
Заев посочи дека на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски им е јасно дека ќе ги изгубат изборите и затоа бегаат од изборно соочување.
- Опозицијата не покажа став за сите важни прашања, ним би им одговарало ваква неизвеснот, да пливаат во матно и изборите постојано да се одлагаат, но знаат дека бројките, рејтинзите не можат да ги променат, народот има став за сите нас. Опозицијата треба прва да бара избори, за да има политичка влада и одговорност, да презема чекори. Здраво е за државата, за здравството, за економијата да имаме политичка влада која ќе сноси полна одговорност пред граѓаните, истакна Заев. см/сп/

Остани поврзан