Обраќања на Мисајловски и Лафчиски со вработените во Министерството и припадниците на Генералштабот по повод Денот на Армијата
- Централната свеченост по повод Денот на Армијата, како што информираат од Министерството за одбрана, ќе се реализира на 18 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Скопје, 15 август 2025 (МИА) - Пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата - 18 Август се обратиле пред вработените при што ја истакнале нивната професионалност и посветеност на службата. Централната свеченост по повод Денот на Армијата, како што информираат од Министерството за одбрана, ќе се реализира на 18 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Министерот Мисајловски изразил почит и благодарност до сите жени и мажи во Министерството за одбрана и Армијата кои, како што посочил, посветено работат за државата, нејзината безбедност и сигурност.
-Пожртвуваноста на припадниците на Армијата при справувањето со секојдневните предизвици за заштита на македонските граѓани е јасна и препознаена од македонските граѓани. Тие имаат силна доверба во вас и ви оддаваат почит и признание - за вашата храброст и посветеност. Вредностите кои секој припадник на Армијата ги покажува секојдневно, се вредности кои ги негувате и вие - офицерите и подофицерите во Генералштабот и вработените во Министерството за одбрана кои со посветеноста, професионалноста и интегритетот кој го имате го градите имиџот и на Министерството и на Армијата, нагласил тој.
Министерот истакнал дека „изминатиов период се започнати многу проекти, голем број проекти завршивме, како инфраструктурни, така и проекти за опремување и модернизација на македонската Армија“. Потенцирал дека следниот период особено внимание ќе се посвети на подобрување на условите на работа за секој вработен, затоа што „одбраната на државата зависи од секој еден од вас.
Генералот Лафчиски порачал дека „18. Август е денот кој ги обединува сите денови на командите и единиците кои ги славиме во Армијата, тоа е празникот кој го празнуваат сите сегашни и сите поранешни припадници кои што во изминатите 33 години придонесоа во изградбата на модерната Македонска Армија“.
За време на свеченоста, делегација од Министерството и Генералштабот предводена од министерот Мисајловски и делегација од семејствата на загинатите бранители, положиле цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, оддавајќи им почит и благодарност за нивната пожртвуваност и храброст.
Претходно, делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот, како и претставници од кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата и Организацијата на резервни воени старешини положија венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На свечениот собир на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот присуствувале и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и останати гости. фф/
Фото: Министерство за одбрана