• сабота, 21 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
6 декември 2020 Народен живот од село Џепишта, Дебарско Семејство Обичаите во Џепишта строго се почитуваа. Тоа беа непишани правила на однесување кои станале традиција што се пренесувала од колено на колено. Се до почетокот на 20-тиот век во Џепишта се живеело во големи фамилии. Ваквиот начин на живеење се одржувал некаде до крајот на Првата светска војна. Со фамилијата раководел најстариот член. Тој вршел распоред за работа за секој член на фамилијата. Сите работоспособни членови на фамилијата парите му ги давале нему. Ќесето било кај него. Тој купивал се што било потребно за фамилијата и за секој нејзин член. Негова грижа била и мажењето и женењето на членовите на фамилијата. Грижата за подготвување на исхраната била оставена на жените. Тие по утврден ред во траење од по една недела се грижеле за готвење, печење на леб. Другите жени во фамилијата помагале во извршувањето на земјоделските работи. Членовите на фамилијата меѓу себе се почитуваат и меѓусебно се поздравуваат. Помладиот го поздравува постариот. Тој што поминува го поздравува оној што стои. Поздравувањето е преку целиот ден. Наутро неизмиен не се поздравува. Наутро се поздравува со: „Добро утро“, напладне со: „Добар ден“ или „Помози бог“ и навечер со „Добро вечер“. Оној што работи некоја работа се поздравува со: „Аирлија работа“ или: „Напаред ти работа“, а отпоздравот гласи: „Аир да имаш“ или: „Сполајти“. Во трекот на денот се поздравува и со поздравите во вид на благослови: „Дај Бог добро“, „Бог да ти даде добро“, или: „Бог ти помогол“. Практично ниедна средба со член на фамилијата или со соселанец не може да помине без поздрав. Раѓање дете Раѓањето претставува голема радост во фамилиајат и е проследено со многу обичаи. Овие обичаи почнуваат уште за време на свадбата. Особена грижа се води за бремената жена. Таа е поштедена од тешки работи. Раѓањето на детето се врши во домот со помош на некоја поискусна жена. Таква кај православните беше Елена Николовска, а покасно и Софија Василевска, а кај муслиманите Сафија Аџиоска, а понекогаш да помогне ја викале и Атиџа Даутовска од селото Отишани. Четириесет дена од раѓањето на детето навечер ништо не се изнесува од куќата надвор. Родилката не излегува надвор и не ги испраќа посетителите на куќата. Во тие денови не се дава ништо на заем од куќата. Сето ова се правело за да не „избега“ млекото од родилката. Името на детето го дава кумот. Кај муслиманите за името на детето одлучуваат постарите членови на фамилијата. Кај православните ако детето е родено на некој празник, пред или по празникот, по правило детето го добивало името на соодветниот светец. Во Џепишта и кај православните и кај муслиманите постои традиција да се даваат имиња на некој фамилијарен предок. Кај муслиманите името на детето се става третата вечер во присуство на оџата, а по една година го канат кумот „да му земат коси“. Косата на детето ја чува мајката на детето во ковчег. До крошните во кое е повиено детето се оставаат предмети кои на симболичен начин ја изразуваат желбата на родителите за занимањето на детето. На новороденче и православните и муслиманите одат со тиганици и на новороденчето му оставаат пари. Во Џепишта женските деца ги викаат цуциња, а кога ќе се рече дете се мисли на машко дете. Испраќање војник Испраќањето во војска е проследено со одредени обичаи кои не се разликуваат меѓу православните и муслиманите. Роднините на оној што треба да оди војник го канат на ручек или вечера. Кога војникот излегува од дома, пред прагот на куќата се става стомна со вода што тој со ногата ја истура. При поздравувањето на разделбата со војникот роднините му даваат пари. На војникот му се дава и едно бело шамивче кое тој го чува додека служи во војска и го враќа дома. Од книгата „Џепишта“ од Методија Новковски, Скопје 2005 г. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан