• вторник, 19 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
1 април 2021 (МИА)  Сведоштва Последниот од славната чалгија Титов Велес, во минатиот и во почетокот на овој век, бил познат по неколку особености: развиеното школство, трговијата, грнчарството и познатата славна чалгија. За неа, за чалгаџиите, за тие петмина свирачи, кои умееле да го извлечат најубавиот тон од инструментите и во потполна складност да ја пренесат мелодијата на народната песна, на орото, па и на тогашните современи ритми, како што биле: кадрилот, полката и валцерот. Жива легенда за тие златни времиња на велешката чалгија е 75-годишниот чалгија Ало Тончов, последниот од најпознатите чалгаџиски состави, што настапувале низ цела Македонија. Нивните настапи на веселбите, по неколку месеци однапред биле ангажирани, а најчесто свадбите се закажувале според слободните термини на чалгијата. Но имало и тажни моменти, кога чалгијата ги исполнува последните желби на некои од своите членови или пак на вљубениците во нивната песна. Така, последната желба на трговецот Петре Зиков од Титов Велес била секое утро по неговата смрт, се до 40-дневниот помен, на гробот да му пее Васил Дајраџијата. И најпознатиот кларинетист Јован Тончов, кога умрел, во 1952 година, на неговиот закоп го придружувала чалгијата. За славата на велешката чалгија најмногу придонесол Арсо Кеманеџијата. Струните од виолината под неговите прсти просто им го пресекувале здивот на слушателите, и одеднаш разнежнети од мелодијата, од топлите тонови ја прифаќале, почнувале да пеат и да играат. Овој бард на народната песна во моментите на инспирација ги создал најубавите велешки песни. Ги опеал убавиците Султана Пулкова и Марето Цинциева, неисполнетата љубов на Лазар Трајков кон убавата Маџирка, како и други, за жал незабележани песни. Речиси сите познати чалгаџии занаетот го учеле кај него. Подеднакво свиреле на веселбите на Македонците и на Турците. Добриот глас за велешката чалгија се пронел далеку. Дури до Стамбол, до Султанот. Во 1902 година, велешките чалгаџии Арсо Кеманеџијата, Јован Тончов, кој свирел на дајре, Ордан Канонџијата и Никола Крле на кларинет, биле повикани во царскиот град. Во сараите на Босфор свиреле цел месец пред султанот, беговите и везирите. Кога ќе завршела песната на оџата од сината Султан Ахмедова џамија, упатена до верниците, тогаш почнувала свирката во Токапи сарајот. Источниот мелос се преплетувал со познатите велешки ора: „Калајџиското“, „Тешкото велешко“, „Башиноселското“, „Елбасанското оро“, „Кавадарката“ и со други песни и ора. Враќањето од Истанбул во Велес било овенчано со нова слава и со поголема вредност. Чалгијата што свирела пред султанот секој сакал да ја има на својата веселба. За цената не се прашувало. Така подоцна Јован Тончов, кој веќе станал прв кларинетист во градот со својата тајфа составена од Ванчо Бочвар, кој свирел на канон, Перо Бочвар – на виолина, Ристо Трпчев – на лаута и Исмаил на дајре, свиреле на повеќе свечености и свадби. Кон нив, односно кон чалгијата на татка си се придружил и Ало Тончов кој стасал во добар кеманеџија. Свои тајфи имале уште и Никола Крле, како и Ѓошо Влавче, кои заедно со Пано Аликоч и Гол Дервиш секогаш своите настапи ги започнувале со песните: „Ајде, дали знаеш, паметиш Милице“ и „Сиво ми сокле летна од Којник“. Свадбите обично траеле по три дена. Некогаш и повеќе. Свиреле на свадбите на Андон Беширов од Гевгелија, кај Јован Бутика во Тетово и на една турска свадба во Штип, секој од тајфата покрај добиените дарови си делеле дури по 12 лири. Свадбите обично ги почнувале со маршеви. За секоја пригода имало марш. За одење по невестата, по кумот в црква. Затоа морале да знаат по стотина и повеќе песни. Бидејќи никој не знаел да свири по ноти, тие нивното непознавање го надоместувале со извонредна извежбаност. Посебно импонирале со својата складност во интерпретацијата на песните. За тоа имале свој начин на подготвување. Бидејќи чалгијата е составена од четири инструменти, односно пет – со дајрето, секој чалгаџија влегувал во една од собите во куќата каде што се подготвувале и го почнувале изведувањето на песните. Додека свиреле едно од децата ги затворало вратите, и по неколку минути одново ги отворало, а мелодијата се пренесувала со исто темпо запазувајќи го ритамот. Извежбаноста на тајфата и складноста во исполнувањето на песните, не ретко по барање, ги докажувале на свадбите. - Ние секогаш свиревме со чувство спрема оние кои играа. Дури се трудевме да го приспособиме тактот според движењата на игроорците. Така моравме и да се однесуваме бидејќи чалгаџиството ни беше професија. Посебно задоволство беше кога ќе заиграше некој познат играорец. Особено добро играше Евгенија Гајдова, кога го играше своето оро полно со брз ритам и посебни движења. Покрај неа мошне добро играа Анисија Виларова, Наце Фрклето, Славејко Ивчев и уште неколкумина, кои беа мајстори на орото. Потоа вистинската чалгија почнува да ја снемува, по смртта на Ванчо Бочвар, најдобриот канонџија – зборуваше резигнирано Ало Тончов. - По Ванчо, никој не можеше да свири како него на тој инструмент. Денес ја нема и лаутата, а на нивно место се појавуваат нови инструменти, како тарабуката која никогаш не била во составот на чалгијата. Дури и ритамот е поизменет и тоа, главно, од новите инструменти. И не само ова. На денешните свадби е изгубено некогашното значење, односно почитувањето кон чалгијата и младоженците. Додека порано веднаш по чалгијата, која свирејќи свадбени маршеви, се движеа младоженците денес сосема пред неа играат сватовите, со што е нарушено правилото дека свадбата е за младите што влегуваат во брак, а не за веселите сватови. Нивната веселост треба да дојде до израз во домот или во просторијата каде што е веселбата, а не низ улиците на градот. Виолината на стариот чалгаџија Ало Тончов денеска мирува. Белиот напластен прав под струните говори за многубројните настапи и веселби, за разиграните прсти и звукот што пленувал. Само ретко, кога ќе се најдеше во расположение, кога со другарите или со соседите ќе се направеа „каначиче“ (веселба) ќе ја дофатеше виолината, ќе потсетеше на славното време на велешката чалгија. Од книгата „Песната и коренот“ од Никифор Смилевски, 1992 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан