• недела, 24 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
7 февруари 2021 (МИА) Од Тиквешкиот зборник Слово за овошката Оче благослови! Си беше еден човек, имаше лозје и во лозјето имаше овошка. И кога ќе дојдеше никогаш не наоѓаше плод на неа, да касне и да се заблажи. И ги викна лозјарите и им рече: „Пресечете ја овошката, да не ми држи сенка во лозјето и место да не ми зафаќа. На тоа место ќе насадиме што ќе биде корисно. А ова дрво пресечете го и изгорете го в оган.“ Лозјарите го молеа својот господин, рекоа: „Господаре, немој да го сечеш ни гориш. Дај ни го да го очистиме од бурјанот и пак да го навадиме, да не би некако да ти даде плод.“ Одговор: Лозјето е светов, стопанот на лозјето Господ Бог, а лозјарите се ангели што го повелаат светов, а овошката е човек грешник... Ангелите божји му се помолија Господу велејќи: „Господи, дај ни го нам овој човек, да му дадиме болест или други беди големи, да би се возвратил и покајал. И Господ Бог им го предаде на ангелите свои и пуштија на него окови и темници, јанѕа и палеж и злоби многу, и се покажа тој човек. Богу нашему слава во веки! Слово за гулабот. Гулабот е мека птица. се збираат и се чуваат од јастребот. Еден да е или многу, сета мисла им е во јастребот. Така и ти човече, што и да правиш, зсета мисла да ти е како да се џзачуваш од ѓаволот. Слово за славејот. Славејот е птица. Се ставува со друшката. Едниот спие до полноќи, а другиот бдее над него. Дванаесет пати го прославува Бога. На полноќ ќе заспие, а другиот ќе бдее од полноќ и така бдеат обата до денот и го прославуваат Бога. Така и ти човече, ако сопиеш или лежиш или нешто друго правиш, секогаш Бога прославувај го и не ќе останеш скуден за ништо. Слово за паунот. Паунот е убавец. Умот му зајдува кога ги гледа перјата и крилјата свои. Му се чини дека е ангел. А кога ќе ги види нозете свои и ноктите од кокошка, тогаш ќе издивне длабоко и ќе се снижи подолу, и ќе се срами од другите. Така и ти, човече кога ќе ти даде Бог имот не кревај се над оние што се подолу, бидејќи истиот творец ве создал, туку обрати се кон ништите, зашто од една рака сте создадени. Од книгата „Тиквешки зборник“, превод и предговор Блаже Конески, Скопје 1987. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан