Обезбедени три возила за одржување на штипските улици
- Штипското јавно претпријатие „Стипион“ обезбеди три возила за чистење на снегот низ улиците.
Штип, 12 јануари 2022 (МИА) - Штипското јавно претпријатие „Стипион“ обезбеди три возила за чистење на снегот низ улиците.
Директорот на ЈП „Стипион“ Игор Ефтимов доцна попладнето информираше дека е склучен договор со кумановска фирма за една година, со кој се предвидува користење на нивни возила за зимско одржување на патиштата низ градот.
Едниот камион пристигна денеска, а другите два се очекуваат да пристигнат во текот на утрешниот ден. Најсреќната ситуација е дека ќе се плаќа само колку ќе се користат возилата, а не и за тоа што престојуваат во Општина Штип.
-Ние распишавме јавна набавка и на мое огромно задоволство сакам да ја известам штипската јавност дека потпишавме договор со кои обезбедивме три камиони, односно специјални возила со нож пред возилото и со соларка која ќе ни помага за чистењето на снегот во нашиот град и нашите граѓани да се чувствуваат сигурно, вели Ефтимов.
Посочи дека со овие нови три возила ЈП „Стипион“ на располагање за зимско одржување на патиштата има шест возила. Ефтимов уште еднаш потврди дека има доволно абразивен материјал, сол и песок, како и работна рака за зимско одржување на патиштата. вдј/мд/