• вторник, 19 ноември 2024

Обвинителството сè уште прибира докази за утврдување кривична одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово

Обвинителството сè уште прибира докази за утврдување кривична одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово
Тетово, 8 ноември 2021 (МИА) - Од Основното јавно oбвинителство на Република Северна Македонија денеска информираа дека нивните службеници од тетовското обвинителство сè уште работат на предметот отворен поради пожарот во модуларната болница на 8 септември во Тетово, при што животите ги загубија 14 луѓе. Оттаму потенцираат дека истрагата сè уште е во насока на собирање материјални и вербални докази за утврдување кривична одговорност. - Јавните обвинители кои преземаат дејства во насока на расчистување на причините за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово интензивно постапуваат. Се очекува во Обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Република Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност, по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката, се вели во одговорот на Обвинителството по барање на новинарите од Тетово. На 5 октомври, Обвинителството објави извештај за причините за пожарот и информираше дека сè започнало во моментите кога лекарскиот тим ја започнал реанимацијата на пациентка болна од КОВИД-19, при што се случил краток спој на продолжен кабел. ас/aa/

Остани поврзан