• недела, 22 декември 2024

Обвинение за уште една узурпација за паркинг во Чаир

Обвинение за уште една узурпација за паркинг во Чаир

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Узурпација на недвижности од член 225 од Кривичниот законик.

-Во конкретниот случај станува збор за узурпација на земјиште од 11 катастарски парцели во сопственост на државата, лоцирано до цветниот пазар кај Здравствен дом Скопје – Поликлиника Битпазар, а кое согласно Деталниот урбанистички план „Саат кула“ во Општина Чаир било наменето за изградба на катна гаража и било предвидено за продажба со јавно наддавање. Меѓутоа, од 24.08.2023 година обвинетиот го користел земјиштето како импровизиран паркинг простор. Тој поставил рампа и пункт за наплата на паркинг, ангажирал еден вработен да врши наплата за користење на паркинг место и на корисниците во име и за сметка на правното лице им издавал сметки, ограничувајќи и контролирајќи го влезот и излезот до земјиштето, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител предложил спрема обвинетиот да биде определена и мерка на претпазливост – забрана да презема работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана да го користи земјиштето.

Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по пријавите за дивите паркинзи во Општина Чаир, и во текот на вчерашниот ден поднесе обвинение против друго физичко и правно лице кои исто така подолг период узурпирале земјиште за таа намена во близина на Поликлиниката Битпазар. дма/нд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан