• сабота, 21 декември 2024

Обвинение за лихварство и самовластие во Неготино

Обвинение за лихварство и самовластие во Неготино
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Кавадарци до Основниот суд во Неготино достави обвинителен предлог против три лица за продолжени кривични дела „лихварство“ и „самовластие“, како и против мајката на еден од обвинетите која им помогнала да ги прикријат кривичните дела. Како што информира Jавното обвинителство, двајца 24-годишници од Неготино од почетокот на 2019 година до 12 август 2021 година, по заеднички договор и со заеднички вложени средства и поделба на добивка, неовластено се занимавале со давање пари на заем со писмени и усни договори, притоа договарајќи и остварувајќи несразмерна имотна корист за себе. Во наведениот период тие на тој начин оштетиле најмалку осум лица, на кои им позајмувале парични средства со обврска долгот да го враќаат со камата која се движела до 300 отсто на годишно ниво. -Во повеќе наврати, искористувајќи исти прилики и со употреба на сила и сериозна закана дека ќе нападнат врз животот на оштетените, обвинетите преземале дејствија со намера самовласно да прибават право кое сметале дека им припаѓа по основ на каматите за дадените позајмици, стои во соопштението. Во тоа им помагал и третообвинетиот на возраст од 22 години. До оштетените испраќале пораки со сериозни закани по живот, им се заканувале со пиштол, вршеле физичко насилство и на друг начин се обидувале да ги принудат да ги вратат позајмиците. Третиот обвинет ја искористил и приликата што вршел превоз на патници со комбе за Германија, па ги фотокопирал нивните лични карти кои понатаму ги ставал на располагање на двајцата првообвинети за да обезбедат телефонски броеви со лажни имиња преку кои ги упатувале заканите до оштетените. Четвртата обвинета, мајка на еден од првообвинетите, се обидела да ги прикрие парите за кои знаела дека се прибавени со кривично дело „лихварство“. -На 13 август 2021 година, по извршен претрес во нивниот дом и лишување на нејзиниот син од слобода, обвинетата веднаш отишла во банка и од сметката на синот ги подигнала сите пари, се наведува во соопштението од Jавното обвинителство. мд/аа/

Остани поврзан