• петок, 22 ноември 2024

Нухиу: Концептот на дуално образование да се прошири и на факултетите

Нухиу: Концептот на дуално образование да се прошири и на факултетите

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Заменик-министерот за образование и наука Агим Нухиу очекува концептот дуално образование да се прошири и во високото образование.

Како што објави МОН, Нухиу на настан на Земјоделскиот факултет во Штип изразил задоволство што образовните установи во државата сè повеќе воспоставуваат добри релации со компаниите, кои стануваат учесници во воспитно-образовниот процес, јакнејќи ја компонентата – практична обука.

-Искрено се надевам дека овој концепт ќе се прошири, ќе биде отсликан и во високото образование и ќе овозможи континуитет на квалитетната практична едукација, која сега им се овозможува на средношколците, доколку одлучат академски да се надградуваат, истакнал Нухиу.

Тој присуствувал на доделување сертификати за завршена стручно-дидактичка обука на ментори од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и од компании со кои универзитетот соработува, за реализација на практична настава.

И се заблагодарил на Владата на Швајцарија за поддршката на обуката на менторите, како и за помошта во развивањето на концептот на дуално образование во средните стручни училишта во земјава, каде фокусот е насочен кон практичната настава во компании. хс/дма/

Фото: МОН 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан