НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола промовира Монографија (1945-2025)
- Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, во рамки на јубилејот 80 години од основањето промовира Монографија 1945-2025. На промотивниот настан во Битола, директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова посочи дека Монографијата, документирано, систематски ја покажува историјата на Библиотеката, нејзините изданија, современите активности и трансформацијатата во сегашната институција.
Битола, 18 септември 2025 (МИА) - Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, во рамки на јубилејот 80 години од основањето промовира Монографија 1945-2025. На промотивниот настан во Битола, директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова посочи дека Монографијата, документирано, систематски ја покажува историјата на Библиотеката, нејзините изданија, современите активности и трансформацијатата во сегашната институција.
-Монографијата е посветена на 80 годишното постоење на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола. Библиотеката која со гордост го носи името на Свети Климент Охридски и е вкоренета во Битола, претставува симбол на континуитетот и културната меморија. Важно е да се знае дека нашата институција е наследник и продолжувач на културна и книжевна традиција која што почнува од 10 век и продолжува во 17 век за што говорат зачуваните ракописи од Битола и Битолско во манастирските библиотеки. Затоа овие осум децении не се само временска одредница, туку тие се значаен период на воспоставување, унапредување и зачувување на нашата историја, културен идентитет и јазик, рече Стефановска Давкова.
Монографијата, додаде, документирано, систематски ја покажува историјата на нашата Библиотека, нејзините изданија, современите активности и трансформацијатата во сегашната институција која одамна ја надмина својата улога на обично библиотекарско депо.
-Денес, НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола е активен центар на дигитализација, на мултимедијални настани, современи медиумски комуникации и едукативни процеси потребни за нашата заедница, а со својот универзитетски статус, библиотеката е исправена пред обврската да биде проактивен учесник во областа на науката, истакна Стефановска Давкова.
Монографијата ја промовира професорката Наташа Котлар која потсети дека во книгата може да се прочита за училиштата, читалиштата и библиотеките како дел од културното милје на Битола, за развојот на библиотекарството и други значајни моменти за јубилејот на установата.
-Библиотеката се појавува како голем светилник во овој простор на Македонија и затоа таа треба не само да го има своето место како културно, просветен и образовен центар, туку таа треба да биде светилникот кој што ќе укаже на целата големина на градот Битола кој треба да се возобнови. Библиотеките се еден од столбовите и имаат важна улога во развојот на културата на човекот, посочи Котлар.
Во знак на јавна благодарност за поддршката, НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола додели плакети на градоначалникот Тони Коњановски и Графо Пром-Битола.мт/вј/
Фото: МИА