• понеделник, 23 декември 2024

Нуредини: Императив е инвестирањето во зелена и одржлива енергија

Нуредини: Императив е инвестирањето во зелена и одржлива енергија
Атина, 11 септември 2020 (МИА) - За да ја објасни важноста на инвестирањето во одржливата и зелената енергија, министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Насер Нуредини за време на неговото учество на Енергетски форум за Југоисточна Европа во Солун, направи споредба меѓу пандемијата и климатските промени, велејќи дека откако ќе се пронајде вакцина кризата со Ковид-19 ќе се надмине, но климатските промени се нешто за кое нема враќање назад, јави дописничката на МИА од Атина. - Идејата дека треба повеќе да инвестираме во зелена и одржлива енергија е императив бидејќи колку одиме напред толку помали се можностите за враќање назад за климатските промени, затоа енергетскиот сектор е многу важен, истакна Нуредини, говорејќи за она што го научивме од пандемијата на Ковид-19. Министерот Нуредини, заедно со неговите колеги од Грција и Романија, Костис Хаѕидакис и Николае Хаврилет, учествуваше на панел дискусијата под наслов „Југоисточна Европа: Енергетската соработка зад границите. Енергетската мапа на ЈИ Европа и иднината на Истмед“. Нуредини рече дека во овој момент нашата земја има само еден извор за снабдување со гас, но работи на проширување на мрежата, додавајќи дека „гасот е клучен енергетски извор да одиме напред кон почиста енергија“. Тој ја  истакна важноста на интерконекторот со Грција, објаснувајќи дека се завршени 90 проценти на југот од земјата и 75 отсто во западниот дел. - Ние сме мала земја, го знаеме тоа, свесни сме за тоа и интерконекторот со Грција е многу важен за нас како земја. Во исто време планираме да се поврземе набргу и со Албанија, а очекуваме да го сториме истото и со Косово и секако и со Србија, што ќе создаде поголем обем за снабдување со гас за нашата земја. Тоа исто така ќе создаде и безбедност и независност за нас, со оглед на тоа дека сега имаме само еден извор на снабдување, објасни министерот за животна средина и просторно планирање. Говорејќи за енергетските односи со Грција, Нуредини рече дека се одлични и изрази надеж за нивно дополнително развивање, како и надеж за изнаоѓање решение на спорот со „Хеленик петролеум“. - Ние сме нова Влада, бевме влада три и пол години, повторно сме нова влада, ние веруваме дека направивме чекори напред за да имаме добри односи со сите наши соседи. Ова е коалиција која постојано бара решенија за прашањата што ги имаме, мислам дека решивме доста од прашањата, а едно што е отворено е со „Хеленик петролеум“, рече Нуредини и изрази надеж дека и за ова прашање ќе се најде решение. На почетокот од излагањето министерот рече дека ова е второ негово гостување на енергетскиот форум, а од ланското учество, истакна дека за 12 месеци многу работи се смениле, освен пандемијата, го спомена и нашето членство во НАТО, зеленото светло за преговори со ЕУ, како и новата влада во Северна Македонија. Министерот за животна средина и енергија на Грција, Костис Хаѕидакис, во неговото излагање го спомена интерконкеторот меѓу двете земји, истакна дека е од голема важност и изрази надеж дека набргу ќе се финализира. Енергетскиот форум за Југоисточна Европа денеска се одржува во Солун и е хибриден со ограничен број учесници со физичко присуство, а меѓу малиот број беше и македонскиот министер. Форумот е во организација на Американско-грчката трговска комора во соработка со Грчката асоцијација за енергетска економија, Атлантскиот совет и Трговската комора на САД. ср/сп/

Остани поврзан