НП „Маврово“: Поставен систем за собирање дождовница и нејзино користење
- Управната зграда на националниот парк „Маврово“ на иновативен начин ќе ја користи дождовницата како дел од проект за ублажување на ефектите од климатските промени. Во функција е ставен систем со кој ќе се намали потрошувачката на водата за пиење и ќе се штедат природните извори. Решението предвидува собирање на водата која се слива од покривот низ олуците да се собира во посебен резервоар и да се користи како техничка, наместо таа од локалниот водовод.
Гостивар, 9 септември 2025 (МИА) – Управната зграда на националниот парк „Маврово“ на иновативен начин ќе ја користи дождовницата како дел од проект за ублажување на ефектите од климатските промени. Во функција е ставен систем со кој ќе се намали потрошувачката на водата за пиење и ќе се штедат природните извори. Решението предвидува собирање на водата која се слива од покривот низ олуците да се собира во посебен резервоар и да се користи како техничка, наместо таа од локалниот водовод.
– Како дел од овие интервенции, на зградата на Национален парк „Маврово“ е поставен и пуштен во функција систем за собирање дождовница. Ова е прва ваква иницијатива во рамките на еден национален парк во земјата. Системот претставува практично решение за одржливо користење на водните ресурси, но и симбол за нов пристап кон справување со климатските предизвици. Целта е да се намали потрошувачката на питка вода, да се заштитуваат природните извори и се придонесува во зачувување на биодиверзитетот во регионот на Маврово, вели Анета Филиповска проектен координатор од Здружението ИГИ.

Таа посочи дека овој проект е реализиран во непосредна соработка со Националниот парк „Маврово“ како дел од проектот „Water Wise Mavrovo“, финансиран од Канадскиот фонд за локални иницијативи (CFLI) при Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора.
- Со овој проект чија реализација трае седум месеци се обезбедува и едукација на локалната заедници за климатските промени и начините за адаптација и ублажување на нивните ефекти, со акцент на управувањето со водите. Оваа акција е јасен пример како зелените решенија можат да донесат долгорочни придобивки и да станат модел за други заедници низ државата, рече Филиповска.
Дополнително, во проектот ќе се имплементираат и пилот-зелени интервенции кои ќе обезбедат заштита на водните ресурси и климатска адаптација, со активно вклучување на жителите, особено жените и младите во планирањето и реализацијата на климатските активности. згм/вј/
Фото: Здружение ИГИ