Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ Куманово, Михајловски и кандидатите за советници ја почнуваат кампањата од врата до врата со граѓаните
- Носителот на советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Михајловски и кандидатите за советници од Куманово денеска од градскиот плоштад порачаа дека ќе се сретнат со секој кумановец, во сите населени места и ќе почнат акцијата од „врата на врата“. Граѓаните ќе имаат можност да поразговараат со кандидатите за советници и да ги кажат своите потреби.
Куманово, 30 септември 2025 (МИА) - Носителот на советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Михајловски и кандидатите за советници од Куманово денеска од градскиот плоштад порачаа дека ќе се сретнат со секој кумановец, во сите населени места и ќе почнат акцијата од „врата на врата“. Граѓаните ќе имаат можност да поразговараат со кандидатите за советници и да ги кажат своите потреби.
- Имам чест да ја најавам кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за општина Куманово за советничката листа. Сакам да кажам многу значајна работа. Не доцниме, напротив имавме идеја да пристапиме посеопфатно и посоодветно на состојбата. Побаравме и добивме благослов од своите семејства, првенствено, а имавме привилегија и чест да бидеме примени од неговото високо преосвештенство, владиката кумановско-осоговски г. Григориј, кој нè прими и ни даде благослов на кој сме неизмерно благодарни, изјави на денешната прес-конференција носителот на листата Михајловски.
Кампањата, како што кажа ќе биде фер, достоинствена и коректна во однос на сите, позитивна кампања. Носителот и кандидатите за советници ќе одат од врата до врата во секое населено место во градот и селата, без оглед на пристапноста. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе се сретнат со сите, да ги сослушаат проблемите, да се информираат и да се запознаат со состојбите на терен. Михајловски кажа дека сè ќе биде запишано и да се понуди решение за потребите на кумановци.
- Сакаме да ја стиснеме секоја рака и имаме што да кажеме и сме привилегирани што сме претставници на политичка партија која покажува резултати. Нашите претставници се исклучително успешни политичари кои Македонија ја водат кон вистинска насока, рече Михајловски.
Во изјавата за медиумите, тој се задржа на успехот на Царинската управа, предводена од претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Николовски.
- Со неговата посветеност придонесе со 110 милиони евра поголем внес на наплата на царински давачки. Овој износ ќе биде искористен за подобрување на сите општини, вклучително и на Куманово. Имаме верба и надеж, а имаме и љубов кон нашиот град и кон татковината, кажа Михајловски.
Тој ги покани кумановци да гласаат и да го направат вистинскиот избор. Воедно, тој ги повика кумановци да го проследат сенародниот митинг на кој ќе бидат презентирани кандидатите за советници во сабота, 4. октомври на градскиот плоштад со почеток во 20. 30 часот. ам/вг/
Фото МИА