• понеделник, 23 декември 2024

„Нора“ на Ибзен со Градскиот театар од Љубљана вечерва на „Охридско лето“

„Нора“ на Ибзен со Градскиот театар од Љубљана вечерва на „Охридско лето“

Охрид, 18 август 2023 (МИА) – Претпоследната содржина од драмскиот дел на програмата на „Охридско лето“ е театарската претстава „Нора“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нела Витошевиќ, а изведба на Градскиот театар од Љубљана, Словенија.

Нора е навидум среќно мажена мајка на три деца. Нејзиното семејство, по долги години откажувања, ужива удобен живот, затоа што нејзиниот сопруг Торвалд Хелмер добива работа како директор на банка. Сè би било во совршен ред доколку Нора не ја прогонува непромислениот чин што го направила во минатото од љубов кон својот сопруг. За да му помогне при закрепнувањето кога бил тешко болен, Нора го фалсификувала неговиот потпис и позајмила голема сума пари од нотарот Крогстад, кој сега ја уценува и ѝ се заканува дека ќе ја открие нејзината тајна. Нора очајно сака Торвалд да ги разбере причините за нејзиното однесување и да застане на нејзина страна. Но, кога ќе се случи спротивното, таа го гледа со поинакви очи и сфаќа дека веќе не може да живее со него...

„Нора“ или „Домот на куклата“ е едно од најпознатите и најчесто изведувани дела на норвешкиот драматург Хенрик Ибзен. При праизведбата во 1879 година, во Кралскиот театар во Копенхаген, Нора предизвика невиден скандал. Во пиесата, авторот критички го начнува проблемот на патријархално уредениот модел на граѓанско семејство и го артикулира правото на жената да избере ослободување од подреденоста во бракот. Нора низ целата драма пее и цвркоти, купува подароци, со нетрпение го чека Божиќ, но тоа е само улогата што општеството ѝ ја доделило. На крајот признава дека никогаш не била среќна со својот маж. „Нора“ не е само драма за жената туку пред сè е драма за бракот.

Нела Витошевиќ (1984) е една од најистакнатите претставници на помладата генерација македонски театарски творци. Во 2007 година дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на ширум познатиот режисер Слободан Унковски, каде што и магистрирала во 2014 година. Досега, на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и на Меѓународниот фестивал МОТ има добиено 15 награди. Од 2017 година е вработена во Македонскиот народен театар во Скопје како режисерка.

Има режирано околу 30 претстави на различни македонски сцени, од класични дела, современи пиеси како и сценски адаптации на филмски сценарија и кратка проза.

Во 2020 година, со својата независна група Wonderland Theater, на Интернет ја постави претставата „Илузии“ од современиот руски писател Иван Вирипаев, а во 2021 година, во копродукција со Драмскиот театар од Скопје, го создаде проектот „Работи за кои не зборуваме“, чиј текст е создаден врз основа на одѕивот од анонимниот конкурс преку кој луѓето споделуваа приказни за своите интимни трауми.

Претставата „Нора“ ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 21 часот.аб/бт/

фото/„Охридско лето“

 

Остани поврзан