• сабота, 13 јули 2024

Нов покрив на ООУ „Ристо Крле“ во Кадино

Нов покрив на ООУ „Ристо Крле“ во Кадино

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Во Општинското основно училиште „Ристо Крле“ во Кадино, општина Илинден почна замена на покривот.

Увид во градежните активности извршија градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и директорот на училиштето Јовче Петковски кои, како што се наведува, констатираа дека работните активности се одвиваат според предвидената динамика.

Како што информира опшина Илинден, со оваа замена на покривната конструкција ќе се опфати површина од околу 1.600 квадратни метри на на објектот и ќе се обезбеди хидротермичка изолација. Со тоа ќе се спречи протекувањето на стариот покрив и оштетување на внатрешните простории во оваа образовна институција.

- Предвидена е целосна замена на постоечката покривна површина на централното училиште. Ќе се изврши отстранување на старите салонитни табли кои содржат азбестни компоненти, отсранување на хоризонтални и вертикални олуци, поставување на кровен покривач од пластифициран валовит лим. Ќе се изврши и набавка и поставување на хоризонтални и вертикални олуци, опшивки кај вентилациони канали и поставување на снегобрани.

ООУ „Ристо Крле“ е изградено пред 44 години и првпат се врши замена на покривот. Заедно со подрачните објекти во населените места Мралино и Бунарџик учат вкупно 320 ученици. мд/нд/

Фото: Општина Илинден 

Остани поврзан