• недела, 22 декември 2024

Нов крст на новата камбанарија во манастирот во Рајчица

Нов крст на новата камбанарија во манастирот во Рајчица
Дебар, 10 јуни 2021 (МИА) - На денот на празнувањето на Христово Вознесение -Спасовден поставен е нов крст на врвот на новата камбанарија во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица. - Домот на Победоносецот во Рајчица денес има двојна причина за слава: радосно празнувајќи го спасителното Христово Вознесение, го умножи ликувањето кога крсното знамение се издигна високо на небото и заблеска со победоносни зраци на врвот на новата манастирска камбанарија. Новиот крст, висок повеќе од два метри, излеан во месинг, има како основа котва – што симболично ја означува надежта на Христијаните, а околу краците е со декоративна изобразба на кормило кое ни ги покажува правецот на крстовоскресниот живот, на распетието, а потем – и на воскресението, информираше сестра Ефимја од овој познат женски манастир. На самиот чин присуствуваше и владиката Партениј, кој во словото изговорено за време на Светата литургија, рече дека со Христовото вознесение се заокружува Божјата сотириологија. - На човечката природа, преку телото на Богочовекот, ѝ се отвора патот кон спасението и обожението. Преку овој спасителен настан, на сите кои се во Христа крстени и во Него облечени, им се дарува можноста да станат непосредни учесници во животот на Триединиот Бог. На новиот човек во Христа му се дава една чудесна слава, неспоредливо поголема од таа што ја имале нашите прародители Адам и Ева во Рајот, кои го имале достоинството да општат со Бога, рече неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, игумен на свештената Бигорска Обител. вт/оџ/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан