• четврток, 19 март 2026

Ново „Изворче“ за нови генерации - во завршна фаза изградбата на градинката во Стар Аеродром

Ново „Изворче“ за нови генерации - во завршна фаза изградбата на градинката во Стар Аеродром

Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска извршија увид во завршната фаза од изградбата на новиот објект „Изворче“ во Стар Аеродром, во рамките на детската градинка „Срничка“.

-Станува збор за капитален проект од огромно значење за овој дел од општината, каде што живеат многу млади семејства. Со доградбата и надградбата на објектот изграден во 70-тите години, преку ново приземје и еден кат со површина од околу 1.600 метри квадратни, создаваме простор што носи сигурност за родителите и топол, безбеден почеток за најмалите. Проектот, вреден околу 120 милиони денари, е заедничка инвестиција на Владата и Општината, се наведува во соопштението од Општина Аеродром.

Со новиот простор, како што се додава во соопштението, ќе се овозможи згрижување на дополнително над 200 деца, со што значително ќе се намалат долгите листи за упис.

Новиот објект ќе располага со 12 современи занимални и сите неопходни содржини, обезбедувајќи современи услови за правилен раст, развој и безгрижно детство.

Министерството за социјална политика, демографија и млади во наредниот период ќе ја обезбеди комплетната потребна опрема, по што „Изворче“ ќе биде целосно подготвено и пуштено во употреба. дма/са/

Фото: Општина Аеродром

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан