• понеделник, 23 декември 2024

Новоизбраниот претседател на Аргентина го покани шефот на бразилската држава на неговата инаугурација

Новоизбраниот претседател на Аргентина го покани шефот на бразилската држава на неговата инаугурација

Буенос Аирес, 27 ноември 2023 (МИА) - Новоизбраниот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, го покани претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва на неговата инаугурација и покрај тензиите меѓу двајцата, соопшти вчера бразилското Министерство за надворешни работи.

За време на неговата изборна кампања, Хавиер Милеи изјави дека ако стане претседател, нема да се сретне со лидерот на левицата, опишувајќи го како „корумпиран“ и „комунист“.

Дијана Мондино, избрана од Милеи за иден шеф на аргентинската дипломатија, во Бразил се сретна со бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира, објави бразилското МНР на социјалната мрежа „Х“. Мондино му врачи „покана од новоизбраниот претседател, Милеи за присуство на претседателот Лула на инаугурацијата“.

Милеи на почетокот на следната недела во САД ќе се сретне со претставници на владата на американскиот претседател Џо Бајден и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјавија дипломатски извори. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан