• среда, 14 јануари 2026

Новогодишни пакетчиња за децата од детско одделение од општа болница Куманово

Новогодишни пакетчиња за децата од детско одделение од општа болница Куманово

Куманово, 24 декември 2025 (МИА) - Дедо Мраз денеска ги посети дечињата на Детското одделение во кумановската Општа болница. Најмалите добија пакетчиња. Новогодишната програма на Општина Куманово и оваа година е насочена кон поддршка на најранливите категории граѓани, со акцент на децата, лицата без родителска грижа и лицата со попреченост. Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, информираше дека активностите започнале со посета на Детското одделение во Општата болница Куманово, каде во моментов се хоспитализирани околу 35 деца.

Заедно со Дедо Мраз, советници и претставници од секторите за труд и социјална политика, образование и здравство, ги посетивме дечињата на Детското одделение. Им посакавме побрзо оздравување и искрено се надеваме дека Новата година нема да ја дочекаат во болница. Денеска продолжуваме со поделба на пакетчиња за децата без родители, а утре ќе ги посетиме децата од Здружението на глуви и наглуви. Станува збор за ранливи категории за кои Советот и Општината традиционално се грижат, изјави Ѓорѓиевска. Таа посочи дека Советот веќе ги има дефинирано категориите кои секоја година добиваат поддршка, нагласувајќи дека социјалните политики нема да бидат прекинати ниту во 2026 година.

-Можам да кажам дека Куманово продолжува да се грижи за ранливите категории. Поддршките како народната кујна и другите социјални услуги ќе продолжат, а дел од нив планираме и да ги унапредиме. Сè што е предвидено ќе биде програмски дооформен, а доколку е потребно и преку ребаланс на буџетот, изјави Ѓорѓиевска.

Директорот на болницата, Сашо Стошевски, истакна дека и наредната година очекува поддршка од Општината и градоначалникот.

-Општината и градоначалникот се наши традиционални партнери и значително помагаат во надминување на проблемите со кои се соочува болницата. Во моментов се реновира по една соба, согласно условите што ги имаме – не можеме целосно да затвораме одделенија. Во тек се работи на Интерното и Гинеколошкото одделение, како и на надворешното уредување на Инфективното одделение, изјави Стошевски.

Тој најави дека во 2026 година се планираат позначајни градежни интервенции реновирање на неврологија, кујната, како и отворање нови простории за физикална терапија и оперативниот блок.

Во делот на кадровската екипираност, Стошевски информираше дека болницата бележи постепен напредок, особено во критичната област, анестезиологија.

-На последниот оглас се пријави еден анестезиолог специјалист и еден специјализант од прва и втора година. Очекуваме позитивен исход, а денеска доделуваме и уште една специјализација по анестезиологија. Со тоа, полека доаѓаме до пет специјализанти, со надеж дека ќе обезбедиме стабилен и функционален кадар, рече Стошевски. ам/вј/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан