• недела, 22 декември 2024

Нови форми на настава – лекција за образованието во 2020-та

Нови форми на настава – лекција за образованието во 2020-та
Скопје, 3 јануари 2021 (МИА) - Затворањето на училиштата на 11 март и новите услови што ги наметна заразата од коронавирусот покажаа колку е важно образованието да има капацитет да се менува во нови форми, да се приспособува и осовременува. Откако наставата се пресели во дигиталниот простор, покрај за техничката опременост и имањето или немањето ИТ-вештини, се постави и прашањето за социјалната тежина на ситуацијата поради одвоеноста на учениците и отсуството на амбиентот што го има во класичната настава. Трите последни месеци од учебната 2019/2020 поминаа со настава на далечина преку алатки по избор на училиштата. За да се олесни процесот, МОН пролетта  ја промовираше платформата Едуино креирана во соработка со УНИЦЕФ, на која беа прикачувани видеолекции по предмети снимени од наставници. За најмалите секојдневно беа емитувани и часови на МРТ во емисијата „ТВ Училница“. За студентите предизвикот беше полесен во техничкиот дел - факултетите веднаш се преориентираа на настава на далечина, а испитните сесии беа хибридни – со физичко присуство и онлајн. Но, потешкиот дел од новата реалност за студентите беше ограничениот студентски живот - епидемијата ги врати во нивните градови и студентските домови останаа празни. Во април, додека траеше вонредната состојба, Владата донесе две одлуки  - учебната година до крајот (10 јуни) да се одвива онлајн и матурантите да не полагаат државна матура. Летото се одржуваа состаноци помеѓу работна група од МОН и Комисијата за заштита од заразни болести со каков модел на настава да почне новата учебна година зашто беше извесно дека ќе има есенски бран на вирусот. Таа почна одложено за еден месец поради тоа што измените на законите за основно и за средно образование, со кои се озакони наставата на далечина по скратени наставни програми и со скратени часови (30 наместо 40 минути во основно и 35 наместо 45 минути во средно), требаше да ги изгласа Собранието кое во нов состав, по изборите, профункционира во септември. А во составот на Владата, пак, имаше смена во ресорот образование - Мила Царовска ја презеде министерската функција од Арбер Адеми, кој стана пратеник на ДУИ. По препорака од здравствените авторитети, беше одлучено наставата од 1 октомври да биде онлајн за сите освен за учениците до трето одделение, поради важноста на нивниот социоемоциоанлен развој, и за ученици од помали училишта, главно подрачните во рурални средини. За нив беа подготвени протоколи со насоки за реализирање на наставата во училница. Оставена беше можност за онлајн-настава и за овие ученици на барање на нивните родители доколку се оправдани. На средношколците од стручни училишта, исто така, им беше овозможена практична настава со почитување на соодветни протоколи. Посебно формирана комисија во Владата ги разгледуваше барањата од општините, како основачи на училиштата, и врз основа на исполнетоста на критериумите одобруваше настава со физичко присуство. За унифицирана онлајн-настава во 2020/2021, во соработка со ФИНКИ интензивно се работеше на креирање национална платформа, која не профункционира во целост за непречено да опслужи околу 270 000 ученици и наставници, и тие продолжија да комуницираат со алатката Мајкрософт тимс. Учениците што немаат ИТ-уреди добиваат  печатени материјали, следат настава на МРТ, а во некои училишта опрема им се обезбедува со донации. Октомври – првиот месец од учебната година помина во допрецизрање на условите за двата модела на настава (онлајн и физичко присуство) и појаснувања како ќе се плаќа прекувремената работа на наставниците кои имаат часови со две групи деца од исто одделение, како и во секојдневно соопштување проценти за реализација на онлајн-наставата (над 95 отсто) и за заразени во наставата со физичко присуство (под 1 отсто). МОН го одби барањето на опозицијата за предвремен зимски распуст со тврдење дека училиштата не се преносители на вирусот и, согласно со Календарот за организирање на работата на училиштата, тој е во вообичаениот период и трае од  31 декември до 20 јануари. Во ноември се актуализираше државната матура - средношколците во завршна година побараа да не го полагаат испитот како и минатогодишната генерација, зашто сè уште има епидемија и исти се условите на настава. На протести пред МОН и бојкот на наставата повика Средношколски глас, додека за Средношколскиот сојуз, кој преговараше со МОН, матурата е прифатлива, но со помалку материјал од периодот кога почна пандемијата. Министерството соопшти дека испитите ќе бидат по скратени програми, но не го прифати второто барање на Сојузот да се полагаат два наместо три екстерни испити. Тестирањата ќе бидат од 29 мај до 14 јуни, а новина е што првпат во листата изборни предмети за третиот екстерен испит се воведени географија и информатика, како и истражувчки дел во проектната задача. Најавата за нова концепција за основното образование, со која неколку предмети ќе се спојат во два – општествени науки и природни науки, предизвика реакции кај наставниот кадар и во јавноста во декември. Откако беше јавно презентирана, научни институции, факултети и здруженија на наставници се произнесоа дека концепцијата е неприфатлива и дека треба да се подготви низ долготраен процес и сериозна стручна и академска расправа. МОН и Бирото за развој на образованието новината ја аргументираа со светски искуства и уверуваат дека се работи за интегрирање на научните дисциплини заради поврзано учење, а фондот на часови нема да се намали и ниеден наставник нема да остане без работа. Нацрт-концепцијата за основно образование (документ на 48 страници) е поставена на веб-страницата на МОН и до 20 јануари може да се праќаат коментари, предлози и сугестии на  мејлот: koncepcija@mon.gov.mk со цел, како што наведе Министерството, да се унапреди нејзината содржина. Образовната 2020-та ја одбележаа и превирањата околу изборите на ректор на УКИМ, на кои Никола Јанкуловски доби нов тригодишен мандат, разрешувањето на директорката Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, за која беше отворена истрага за злоупотреба на европски пари, новото средно училиште во главниот град  – Математичко-информатичка гимназија во која прва генерација се 34 ученици  запишани со приемен испит. За образованието во 2021 се намнети 23,1 милијарди денари од државата, односно 1,1 милијарда денари повеќе од минатогодишниот буџет. Според МОН, над 90 отсто од нив се  за подобрување на условите за настава и за подобар образовен систем.  Околу 1 милијарда денари (2,5 пати повеќе во однос на 2020) се планирани за капитални инвестиции. Хатка Смаиловиќ

Остани поврзан