• четврток, 02 јануари 2025

Нови построги мерки за прием на поклоници на Света Гора

Нови построги мерки за прием на поклоници на Света Гора

Атина, 31 декември 2024 (МИА) – Доставување барања за посета најмалку ден пред пристигнувањето; ограничен број поклоници во текот на месецот; посета само по одобрена покана, се дел од новите построги мерки што од утре стапуваат во сила за поклониците кои сакаат да ја посетат Света Гора, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите мерки, како што објавија грчките медиуми, се поради зголемената посетеност и со цел да се зачува монашкиот живот и молитвениот ред.

Поконкретно Светата заедница ги повикува верниците до Канцеларијата за поклоници да достават барање за посета најмалку еден ден пред пристигнувањето до 12 часот напладне, по што ќе треба да добијат одобрување.

Пристапот ќе биде дозволен само со официјални покани, а строго забрането е префрлувањето или барање за сместување во други ќелии или манастири без претходно одобрение.

За време на големите празнични периоди, ќе постои привремена флексибилност, но само со одобрение од Канцеларијата за поклоници.

Дополнително, не се дозволени групи од над пет лица со исклучок на студенти, ученици, млади или воени лица.

Според новите прописи што ги објавија медиумите, максималниот број на поклоници ќе биде строго ограничен и тоа: во општежителните скитови најмногу 200 месечно, во централните цркви на другите скитови 50 поклоници месечно, а во ќелиите максимално се дозволени 20 поклоници месечно.

Мерките ќе стапат во сила од 1 јануари 2025 година. ср/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан