• петок, 20 декември 2024

Нови германски инвестиции во земјава и проширување на активностите на постојните

Нови германски инвестиции во земјава и проширување на активностите на постојните

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) – Извозот на производи од германски инвеститори во земјава кон Германија десетина години по ред е во пораст, со исклучок на годините во короната кога била евидентна стагнација.

Како што соопшти Антје Ванделт, директорка на Германската стопанска комора (АХК), германските инвеститори од земјава најмногу извезуваат високософистицирани компоненти наменети за автомобилската индустрија, во Германија се извезуваат и седишта за автобуси, за возови и за автомобили, различна медицинска опрема, специјални бакарни кабли кои се применуваат во индустриското производство. За германскиот пазар овде се прават и софистицирани кафемати и фенови за коса.

-Се радуваме дека германските инвеститори во изминатите години постигнаа голема диверзификација во однос на типот на инвестиции кои се реализираат тука, изјави  Ванделт пред почетокот на деловниот појадок кој во Скопје го организира Македонско-германското стопанско здружение.

Во изјава за медиумите, директорката на АХК рече дека од новата македонска влада се добро прифатени и дека покрај денешниот настан, во  претходните месеци имале отворена и конструктивна соработка.

- Има тесна и интензивна соработка помеѓу Северна Македонија и Германија и би сакале таа соработка понатаму да ја продлабочиме со новата македонска влада. Наша цел е постојните инвестиции во земјата повторно да инвестираат, но исто така наша заедничка цел со владата е и да привлечеме нови германски инвестиции. Неодамна со премиерот бевме дел од реинвестицијата на германската компанија „Кил“ и исто така на новата инвестиција – „BMZ“ од Германија која ќе гради фабрика за производство на специјални батерии, истакна Ванделт.

Нагласи дека за нив е многу важно и изградбата на синџирите на добавувачи, посочувајќи дека има многу квалитетни македонски компании коишто можат да станат добавувачи на германските компании.

- Има компании кои работат во металопреработувачката индустрија, производство на челик, и сметаме дека овие компании можат да конкурираат како компании добавувачи на германскиот пазар, додаде директорката на АХК.

Порача и дека за да се постигнат зацртаните цели треба да се надминат одредени предизвици  односно, рече, треба да се внимава на одржливоста во индустриското производство, да се задржат и воведат стандардите, посветеност на зелената енергија, а мошне значајно, рече Ваделт, е и задржувањето на стручните кадри во земјата и добри услови за нив.

- Се радуваме на отворен дијалог со македонската влада, на конструктивна соработка и овој настан е чекор понапред во таа соработка, нагласи директорката на Германската стопанска комора (АХК) која е дел од мрежата на стопанските комори во странство.

На заедничката изјава, премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање соопшти дека очекува во наредниот период покрај четирите договорени германски инвестиции од почетокот на функционирањето на владата, уште дополнителни три до крајот на годината.

Со нив, рече тој, „драматично ќе се зголеми економската активност и ќе влијаат позитивно во растот на домашниот БДП за следната 2025 година, но и за наредните години“.

Мицкоски нагласи дека со денешното присуство на деловниот појадок сака да испрати порака дека Владата и бизнис-заедницата се партнери и оти така треба да продолжат да функционираат во иднина.

-До сега покажавме во многу наврати дека како нова Влада се обидуваме да градиме исклучително квалитетни односи со бизнис-заедницата. Честопати ќе ме сретнете на состаноци во стопанските комори, тоа е главен приоритет на работењето на оваа Влада, владеење на правото, чесно работење и поддршка за бизнисот, бидејќи на тој начин си помагаме и самите себе, така ќе имаме повеќе пари во буџетот, со повеќе пари во буџетот ќе можеме да реализираме повеќе капитални инвестиции, рече Мицкоски. 

За трговската размена помеѓу Северна  Македонија и Германија истакна дека е огромна и надминува 5 милијарди евра, а повеќе од 25 илјади македонски граѓани, рече премиерот, се вработени во компании што доаѓаат од Сојузна Република Германија.

-Очекувам тој број да расте. Веќе неколку инвестиции како Влада ги отпочнавме, за нив зборуваше и почитуваната претседателка на комората. Очекуваме многу скоро денеска уште еден камен-темелник на уште една белгиско-германска компанија, но и во периодот којшто следува очекуваме почеток на нови инвестиции на компании коишто се веќе присутни и ќе има проширување, би рекол продлабочување на производното портфолио на тие компании. Ние како Влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме, затоа што нема поголемо задоволство ниту за мене, ниту за членовите во Владата, од тоа кога ќе отворите ново работно место, кога ќе можете да помогнете уште некој македонски граѓанин да остане тука, дома, наместо да се сели надвор. Новоотворено, добро платено работно место ќе значи и подобар стандард, истакна претседателот на Владата. 

Мирјана Симоновска, претседателка на Германско-македонското стопанско здружение кое го организираше настанот, во обраќањето на деловниот појадок истакна дека се најголемо билатерално стопанско здружение со 175 членки компании кои придонесуваат за продлабочување на германско-македонските стопански односи. 

- Посебно нѐ радува сѐ поголемото присуство на германските инвеститори во земјата кое е од исклучително значење за зголемените стопански односи меѓу нашите две земји, рече Симоновска.

Соопшти дека Германско-македонското стоопанско здружение заедно со Германската комора АХК следната година напролет ќе го прослават јубилејот - 25-годишно присуство во Македонија. хс/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан