Новиот краен рок за американските царини ја продолжува нестабилноста за државите, предупредува меѓународна трговска агенција
- Одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го одложи за 1 август стапувањето во сила на т.н. реципрочни царини ја продолжува неизвесноста и нестабилноста за земјите.
Вашингтон, 8 јули 2025 (МИА) – Одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го одложи за 1 август стапувањето во сила на т.н. реципрочни царини ја продолжува неизвесноста и нестабилноста за земјите.
Ова го изјави Памела Коук-Хамилтон, извршна директорка на Меѓународниот трговски центар (ИТЦ), заедничка агенција на ОН за трговија и развој и Светската трговска организација (СТО).
Претседателот на САД, Доналд Трамп, веќе најави дека од 1 август ќе воведе царини во износ од 25 проценти на увозот на стоки од Јапонија и Јужна Кореја, како и на некои помали трговски партнери на Вашингтон.
- Овој потег всушност го продолжува периодот на неизвесност, поткопувајќи ги долгорочните инвестиции и деловни договори и создава дополнителна неизвесност и нестабилност, изјави Памела Коук-Хамилтон пред новинарите во Женева.
Ако еден бизнис нема јасна претстава за своите идни трошоци, тој не може ефикасно да планира и инвестира, додаде Коук-Хамилтон, давајќи пример со африканската држава Лесото, каде големи компании извозници на текстил засега ги задржале своите инвестиции во очекување на трговски договор.
Неизвесноста околу царините, во комбинација со длабоките кратења на помошта за развој, создава „двоен шок“ за земјите во развој, додаде таа.
Земјите се под притисок да склучат трговски договори со САД, откако во април Трамп разгоре глобална трговска војна која ги потресе финансиските пазари. јт/
Фото: ИТЦ на Фејсбук