Новиот заменик-министер за надворешни работи на Грција ја презеде функцијата
- Во присуство на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и останатите заменици, новиот заменик-министер за надворешни работи на Грција, надлежен за економска дипломатија и екстровертност, пратеникот од Нова демократија Тасос Хаѕивасилиу претпладнево во Министерството за надворешни работи и официјално ја презеде функцијата од неговиот претходник Костас Франкојанис, кој во петокот си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 20 јануари 2025 (МИА) – Во присуство на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и останатите заменици, новиот заменик-министер за надворешни работи на Грција, надлежен за економска дипломатија и екстровертност, пратеникот од Нова демократија Тасос Хаѕивасилиу претпладнево во Министерството за надворешни работи и официјално ја презеде функцијата од неговиот претходник Костас Франкојанис, кој во петокот си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис, посочи дека економската дипломатија и екстровертноста се важен столб на грчката надворешна политика и заблагодарувајќи му се на Франкојанис истакна дека „повеќестрано придонесе за да се зголеми нивото на странските инвестиции, на извозот на Грција, да се подигне меѓународниот отпечаток на земјата во светот“.
-Тасос Хаѕивасилиу е повикан да служи во област што не му е воопшто непозната, длабок познавач е на надворешната политика, посочи Герапетритис.
Новиот заменик-шеф на грчката дипломатија, веќе има искуство во Министерството за надворешни работи, со оглед на тоа што во периодот 2007-2009 година беше во кабинетот на тогашната министерка Дора Бакојани.
Хаѕивасилиу посочи дека сега веќе поранешниот заменик-министер е меѓу поуспешните министри во Владата на Мицотакис и се осврна на иницијативите на Франкојанис: т.н. позитивна агенда за соработка меѓу Грција и Турција, претворањето на островот Астипалеа во паметен и зелен остров, отворањето кон земјите од арапскиот свет.
- Се обврзувам да ја продолжам стратегијата што ја одреди и ја спроведе во изминатите пет и пол години, со оглед на тоа што сметам дека економската дипломатија е важна гранка на надворешната политика, посочи новиот заменик-шеф на грчката дипломатија.
Франкојанис, кој на позицијата беше во изминатите пет и пол години, кусо се осврна на како што рече, важните резултати што беа постигнати, како што привлекување 58 стратешки инвестициисе, зголемување на извозот на 55 отсто и се наоѓаат блиску до целата, во 2027 година извозот на производи и услуги да биде 60 проценти од БДП.
Пред примопредавањето на функцијата во грчкото МНР, Хаѕивасилиу положи свечена заклетва во претседателската палата, а на позицијата дојде откако во петокот, од лични причини заменик – министерот за надворешни работи Костас Франкојанис поднесе оставка.
Франкојанис беше задолжен за таканаречената „позитивна агенда“, односно за економската соработка со низа земји меѓу кои и нашата, а во февруари 2022 година беше во дводневна посета на Скопје.
Паралелно, го водеше дијалогот со Турција за билатералната соработка во повеќе области, а минатиот месец беше одржан седмиот круг од грчко-турски разговори за позитивната агенда. ср/ми/
Фото: МИА