Новиот глобален пакт за природата поддржан од 112 земји
- Напорите за заштита на 30 отсто од копното и океаните до 2030 година, како клучен столб на новиот глобален пакт за природата, треба да бидат договорени следниот месец, објавија лидерите на 27
Шарм ел Шеик, 8 ноември 2022 (МИА) - Напорите за заштита на 30 отсто од копното и океаните до 2030 година, како клучен столб на новиот глобален пакт за природата, треба да бидат договорени следниот месец, објавија лидерите на 27-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени (КОП27) во египетскиот град Шарм ел Шеик.
Овој договор го поддржаа 112 земји, што е голем пораст во однос на 70 пред една година.
Како што истакнуваат лидерите, постигнувањето на оваа цел ќе биде предизвик, меѓу другото, затоа што земјите кои се грижат за зачувување на природата добиваат премалку признанија за работата која има повеќекратна корист - од складирање на емисиите на јаглерод што доведуваат до климатски промени до заштита на дивите животни.
Заштитата на 30 отсто од планетата до 2030 година се смета за основа на новиот глобален пакт за природата, кој треба да биде финализиран на посебен самит на ОН за биолошка разновидност (КОП15), кој ќе се одржи во Монтреал за еден месец.
Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП27), од 6. до 18 ноември, се одржува една година откако околу 140 земји ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите до 2030 година на КОП26 во Глазгов. паг/