• четврток, 26 март 2026

Новинарот Слободан Иванов од МИА добитник на наградата „Гласник на невидливите“

Новинарот Слободан Иванов од МИА добитник на наградата „Гласник на невидливите“

Скопје, 18 јули 2025 (МИА) - Новинарот Слободан Иванов од Медиумската информативна агенција е добитник на годинашната награда „Гласник на невидливите“ што се доделува на новинари кои работат на социјални теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост. 

Иванов е награден за неговата видеорепортажа „Пристапот до објекти, образование и вработување - најчести предизвици за лицата со попреченост“ во која во разговор со лица со попреченост и со изјави од осум градоначалници на територија на Град Скопје разговара за проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост. 

Репортажата е објавена на 3 декември 2024 година по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во нејзината реализација учествуваше тогашниот уреднички тим на МИА - Ана Цветковска, Билјана Анастасова-Костиќ, Сашо Арсовски и Борис Куноски. 

- Оваа репортажа ѝ ја посветувам на мојата заедница и на секој кој се соочува со некаква попреченост што општеството му ја наметнува. Им благодарам на Борис Куноски, кој е продуцент на видеото, Андреј Бранковиќ - камера и монтажа. Им благодарам и на Ана, Билјана, Јован, Владимир, Бисера, Ангела, Драган, Весна, Гордана, Вишко и на сите кои директно или индиректно учествуваа во подготовката и снимањето на видеорепортажата. Ѝ се заблагодарувам и на Македонската информативна агенција. Кога работиме заедно како тим - успехот е загарантиран, рече Иванов вчера при врачувањето на наградата.

Покрај Иванов, годинашните добитници на наградите што ги доделува Македонската платформа против сиромаштија се и Ана Арсеновска Зафирова за сторијата „Каков 8 март одбележуваат жените, мајки на деца со аутизам“, Гоше Николов - „Револуција во пристапноста: Трансформативната моќ на вештачката интелигенција за лицата со попреченост“, Емилија Бунтеска Нацоска - „Расте бројот на гладни, редиците пред народните кујни сѐ подолги“, Кристијан Ландов - „Претрес: Од раскош до бездомништво, од семејство до улица - сурови животни приказни“, Љубица Иванова - „На улица наместо во училишните клупи - Македонија без решение за децата од улица“ и Наташа Доковска - „Менструацијата не е луксуз – зошто боли двојно во сиромаштија?“.

Претседателката на Македонската платформа за сиромаштија Билјана Дуковска на синоќешното доделување на наградите рече дека годишно добиваат од 20 до 25 новинарски стории, но дека секоја година се менуваат трендовите на темите што ги добиваат.

- Ако пред неколку години имавме стории за луѓето без документи кои не можат да остварат социјална заштита, оваа година сведочиме дека се поактулени стануваат темите за лицата со попреченост особено делот на недостигот на социјални услуги и поддршка за семејствата кои имаат лица со попреченост. Меѓутоа се повеќе провејуваат и теми кои ја опфаќаат женската страна односно економското јакнење на жените, проблемите кои ги одвраќаат од пазарот на труд. Бележиме дека се менува и трендот на правење на класични стории во кои во фокусот е проблемот и веќе има сериозни авторски содржини кои имаат аналитички пристап и ги вклучуваат луѓето кои го живеат проблемот и истовремено се испраќаат моќни пораки за промени во општеството, истакна Дуковска.

Македонската платформа против сиромаштијата годинава по осми пат ги додели наградите „Гласник на невидливите“. бак/дма/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан