• среда, 18 март 2026

Нова фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово, изменет сообраќаен режим

Нова фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово,  изменет сообраќаен режим

Куманово, 18 март 2026 (МИА) - Општина Куманово денеска ги информираше граѓаните на Куманово дека сообраќајот на улицата „Моша Пијаде“ ќе се одвива отежнато со пропуштање на возила, сопственост на резидентите од централната градска улица. Сообраќајниот режим ќе се спроведува сè додека се изведуваат градежните активности на терен.

-Се известуваат граѓаните на Општина Куманово дека во наредниот период ќе започне следната фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“. Поточно, ќе започнат подготвителни и градежни работи за изградба на атмосферска канализациска мрежа на улица „Моша Пијаде“ на потег од пред крстосница со кружен тек на улиците „Трета Македонска ударна бригада“ и „Октомвриска револуција“ до крстосница со улица „Пиринска Македонија“, улицата која ги поврзува „Моша Пијаде“ и „Октомвриска револуција“, именувана како улица „100“ во планската документација. Напоменуваме дека при изведба на градежните работи, сообраќајот ќе се одвива отежнато, со пропуштање на возила во сопственост само на резиденти. Се замолуваат граѓаните за разбирање и толеранција при изведување на градежните работи, со цел да се завршат навремено, без одолговлекување, наведуваат од општината.

Реконструкцијата се спроведува во неколку фази што придонесува за привремени застои, но обезбедува долгорочна функционалност на сообраќајницата. Претходно, беше поставена водоводната инсталација, следува атмосферската канализација и горниот слој. Во рамки на проектот. Општина Куманово располага со околу два милиона евра обезбедени од Светска банка. Досега, како што соопштија надлежните искористени се околу 1,3 милиони евра, остануваат околу 700.000 евра. Проектот како што претходно објаснија од општината вклучува реконструкција на фекална и водоводна мрежа на дел од улицата од почетокот сè до крстосницата со улицата „Пиринска Македонија“ околу 490 метри. Средствата за уредување на подземната инфраструктура се обезбедени од буџетот на општина Куманово, за атмосферска канализација која ќе се спроведува во два дела изградба и реконструкција на постоечката долж целата улица, 1.400 метри.

-Овие средствата се обезбедени од Светска банка, како и за реконструкцијата на асфалтот низ целата улица од почетокот до крај, подземна канализација за електрична мрежа и инсталација за оператори од национално и локално ниво. По завршување на проектот веќе нема да има кабли по бандерите. Предвидено е и осветлување со штедливи светилки, ќе се уредуваат крошните и корените од дрвјата. Предвидено е уредување на паркинг места и пешачка зона, поставување на седум сета полуподземни контејнери, информираа претходно Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции. При изработката на техничката документација биле вклучени скоро сите јавни претпријатија од Куманово, оператори и други фирми. Тендерот го објавува Министерството за транспорт, краен корисник е општината. Улицата не е реконструирана шеесет години.ам/вј/

Фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан