• сабота, 13 јули 2024

Нова спортска опрема за Општинскиот фудбалски клуб ,,Малеш" од Берово

Нова спортска опрема за Општинскиот фудбалски клуб ,,Малеш
Берово, 25 август 2022 (МИА) - Младинските категории при Оштинскиот фудбалски клуб „Малеш“ од Берово добија нова спортска опрема, како поддршка од Општината.
Опремата на младите фудбалери им ја додели градоначалникот Звонко Пекевски, кој истакна дека целта е остварување на квалитетни спортски резултати и мотивација на младите фудбалери при постигнувањето  поголеми резултати.
-Во знак на подобрување на условите за спорт и рекреација, како дополнителна мотивација на младите лица и поттикнување да спортуваат, денеска, доделивме спортска опрема, на фудбалерите од фудбалскиот клуб ,,Малеш”. Опремата се состои од 90 пара спортски обувки, 80 парчиња тренерки и  96 парчиња спортски дресови комплет, рече Пекевски.
Најави дека Општина Берово ќе продолжи со вложување во спортот и во останатите категории во кои настапуваат спортистите од Берово.
-Како општина продолжуваме и понатаму со продлабочување на соработката, зошто само така нашите професионални спортисти, ќе донесат успех за Берово. Во периодот што следи, спортска опрема ќе биде доделена и на други активни здруженија, а исто така ќе продолжиме и со финансиска поддршка, додаде Пекевски.
Опремата за ОФК ,,Малеш" се реализира по претходно донесена одлука од страна на Советот на општина Берово. вс/мд/

Остани поврзан