• петок, 05 декември 2025

Нова поликлиника ќе биде изградена во населбата Расадник на барање на жителите на Кисела Вода

Нова поликлиника ќе биде изградена во населбата Расадник на барање на жителите на Кисела Вода

Скопје, 10 октомври 2025 (МИА) - Во населбата Расадник ќе биде изградена нова поликлиника за што веќе е обезбедена градска парцела и изработен е основниот проект. Поликлиниката ќе се протега на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат.

Во неа ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, а на катот интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода, кој е кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со кандидатката за градоначалник на Кисела Вода го промовираа овој нов проект што треба да се реализира. 

- Изградбата на поликлиниката во Расадник, ќе значи значително унапредување на здравствената заштита и подобрување на квалитетот на животот. Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено таа ќе придонесе за растоварување на постојните здравствени установи во Скопје, рече Ѓорѓиевски.

Изградбата на оваа здравствена установа, според Ѓорѓиевски, е барање на жителите на Кисела Вода. 

- Со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот. За разлика од изминатите триесет години, во кои оваа тема беше само празно ветување, денес сме во фаза кога изградбата на поликлиниката конечно станува реалност, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски вели дека во делот кај Расадникот кој беше спорен во однос на изградбата на станбени згради нема да се градат станбени згради. 

- Од 99 згради, за 70 проценти во идејното решение е намалена површината на градба. Максималната висина што се предвидува е до седум ката, но јас искрено сметам дека овде не е приоритетно да се градат згради, туку поликлиника и за тоа постои постоечки стар детален урбанистички пан. Згради овде не се приоритет и тоа и го порачувам и на идната градоначалничка и мислам дека за тоа ќе добие силна поддршка од граѓаните, изјави Ѓорѓиевски. 

Парите за изградба на поликлиниката се обезбедени преку унгарскиот кредит, а таа ќе биде изградена по примерот на здравствените установи во Бутел, Илинден и Зеленково.  

- Проектот ќе биде сличен како оној што е во Бутел, Илинден и во Зелениково каде изградбата е во завршна фаза. Парите се обезбедени преку унгарскиот кредит така што сметаме дека е доста значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови и да не мора да одат во другите општини за да го остварат своето право на здравствена заштита, изјави заменик-министерот за здравство Јовица Андовски. бак/вг/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан