• недела, 22 декември 2024

Нова можност за бесплатно изучување на францускиот јазик преку Фондацијата „Бел Идеал"

Нова можност за бесплатно изучување на францускиот јазик преку Фондацијата „Бел Идеал

Крива Паланка, 27 јануари 2024 (МИА) - Фондацијата „Бел идеал" од Франција ја овозможува третата бесплатна сесија на изучување француски јазик за основците 
од Крива Паланка, со цел поттикнување љубов кон франкофонијата, францускиот јазик и култура.

Досега интерес за бесплатни часови по француски јазик во градот пројавија педесетина ученици од четврто и петто одделение од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ Крива Паланка и редовно посетуваат часови што ги овозможи „Бел Идеал", на иницијатива на претседателката на Фондацијата, Јадранка Бојковска -Бенреждал.

- Со цел промоција и афирмација на француската култура и јазик што особено се истакнува во нашиот град низа години наназад, продолжуваат иницијативата и вложувањата на фондацијата што ги поддржува сите млади што имаат интерес за запознавање со француската култура и изучување на јазикот. Ова бесплатно изучување на јазикот преку неделни часови за над педесет ученици од четврто и петто одделение од основните училишта во мојот роден град, преку иновативни и интересни методи им отвора нови можности, видици и перспективи на овие млади личности, рече Бенреждал.

Отворени се три паралелки за сензибилизација во просториите на училиштето за странски јазици „Оксфорд".

- Во тек е повик за пријавување нови учесници во курсот, а часовите ги одржува мојата почитувана сограѓанка, искусната и докажана професорка по француски јазик, Елена Николовска, која е вистински амбасадор на францускиот јазик во градот и државата, која редовно е одговорна и за франкофонската вечер која го слави францускиот јазик, рече Бенреждал.

Иницијативата има поддршка од Француската амбасада во Северна Македонија, Францускиот институт во Скопје, но и од Општина Крива Паланка, професорите по француски јазик и директорите на училиштата.

Францускиот јазик е официјален јазик во Европската унија, а според професорката по француски јазик, Николовска, учениците учат и се задоволни што преку различни активности се запознаваат со францускиот јазик 

- Интересот за изучување на францускиот јазик се зголемува, а тоа е една од главните цели на овој проект на фондацијата, рече Николовска. ид/ев/

Остани поврзан