• петок, 22 ноември 2024

Нова, луксузна суперјахта-подморница

Нова, луксузна суперјахта-подморница

Лос Анџелес, 10 октомври 2022 (МИА) - Холандскиот производител на јахти, „У-боут воркс“ го претстави дизајнот на својата суперјахта вредна 25 милиони долари. Пловилото по име „Наутилус“ би можело да плови над водата, но и да нурне под површината и да остане таму до четири дена.

Пред повеќе од 150 години, романот на Жил Верн „20.000 милји под морето“ ја раскажа приказната за подморницата „Наутилус“, па за концептот на подводна суперјахта се говори со години. Сепак, благодарение на напорите и експертизата на холандската компанија, сега секој што е подготвен да плати 25 милиони долари ќе добие суперјахта-подморница, долга 37,5 метри. Според наводите, горната палуба нуди луксуз, вклучително и слатководен базен, бар, трпезариска маса и други практични работи. Но, сѐ тоа може целосно да се преклопи кога „Наутилус“ влегува во режим на подморница. Достапен е и електричен брод отпорен на притисок којшто останува надвор од јахтата и обезбедува дополнителна можност за превоз на луѓе. Внатре во јахтата има трпезарија и дневна соба со четири големи кружни прозорци, една голема и четири помали спални соби, како и кабини за шестчлениот екипаж. Кујната овозможува складирање храна. „У-боут воркс“ исполнува и поединечни желби на купувачите, кога станува збор за прилагодувањето на внатрешноста, а штом ќе се нарача, се чека до 30 месеци за испораката. За погонот се користи дизел-електричен мотор за брзина до 16 км/ч. Јахтата може да остане под вода до четири дена на длабочина од околу 200 метри. си/паг/

Остани поврзан