• петок, 05 декември 2025

Нова ескалација во пограничниот конфликт меѓу Пакистан и Авганистан: Талибанците нападнаа четири локации

Нова ескалација во пограничниот конфликт меѓу Пакистан и Авганистан: Талибанците нападнаа четири локации

Кабул, Исламабад, 15 октомври 2025 (МИА) - Долж границата меѓу Пакистан и Авганистан рано утринава повторно дојде до судири во кои има жртви на двете страни. 

Во судирот било употребено и лесно и тешко вооружување.

Пакистанската војска соопшти дека авганистанските талибанци извршиле напади на четири локации во областа Спин Болдак во покраината Балуџистан. 

Во соопштението на Канцеларијата за односи со јавноста на пакистанската армија (ISPR) се наведува дека во нападите учествувале членови на Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP), која е на листата на забранети терористички организации во Пакистан.

Најмалку 20 талибански борци беа убиени, додека многумина беа ранети на авганистанска страна. Пакистанската војска тврди дека ситуацијата на теренот покажува дека талибанците и TTP „ги зголемуваат своите сили“.

„Секој чин на агресија против Пакистан ќе биде одговорен со полна сила“, соопшти ISPR. Во соопштението се додава дека нападот во Белуџистан не бил изолиран и дека сличен обид бил одбиен преку ноќ во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва, во регионот Курам. Според проценките, во тие судири биле убиени најмалку 30 борци на талибанците и ТТП, а шест тенкови на авганистанските сили биле уништени.

Од друга страна, талибанците го обвинуваат Исламабад за започнување на нападот. 

Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, тврди дека повеќе од 12 цивили биле убиени во нападот во Спин Болдак, додека околу 100 биле ранети.

Локален лекар во Кандахар изјави за приватната авганистанска телевизија ТОЛО Њуз (TOLOnews) дека повеќето од жртвите биле цивили, вклучувајќи жени и деца. Болницата во Кандахар наводно примила повеќе од 80 повредени и регистрирала помеѓу 10 и 15 смртни случаи.

Најновиот бран насилство следеше по судирите за време на викендот по линијата Дуранд, спорната граница меѓу Авганистан и Пакистан, при што двете страни пријавија значителни жртви.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан