• петок, 22 ноември 2024

Нова апаратура на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (ДПЛ)

Нова апаратура на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (ДПЛ)

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје инсталирана е нова опрема со што се подобруваат здравствените услуги во оваа установа.

На Одделот за урологија опремени се посебни простории и првпат е инсталиран нов современ апарат за литотрипсија - од германскиот производител „Dornier MedTech GmbH“, во вкупна вредност од 42 милиони денари.   

- Станува збор за апарат за екстракорпорална литотрипсија, со минимално инвазивна процедура за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт со серија ударни бранови, кои се насочени со помош на рентген или ехо апарат. Целта на постапката е да се скршат камењата на помали парчиња, кои потоа полесно поминуваат низ уринарниот тракт. Со овој апарат, се отвораат можности за третман на калкулоза во горниот уринарен тракт, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити.  

Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија. Тие, по интервенцијата би се задржале само еден ден, или пак, истиот ден би се пуштале дома.

- Исто така, денеска го промовираме и новиот апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка, инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика во кој имаме два кабинети за дојка. Инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ЕХО на дојка, со што истовремено ќе се врши мамографија и ЕХО на дојка. Томосинтезата на дојка, наречена и тридимензионална мамографија или дигитална томосинтеза на дојка е напредна мамографска техника на снимање на дојката и претставува револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка, посочи Меџити.

Предноста на томосинтезата на дојката е што ткивото на дојката се испитува слој по слој, а радиологот добива појасна слика за секој слој на дојката, бидејќи се отстрануваат ефектите од преклопување на ткивата.  

- Користењето на томосинтезата како дополнителна алатка при скрининг ги зголемува стапките на откривање канцерогени промени, со што се подобрува ефикасноста на програмите за скрининг за рак на дојка. Ја користам оваа прилика да потсетам дека и годинава продолжува националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка и истовремено апелирам, закажаните термини за мамографија да се почитуваат, или во спротивно, да се откажат од страна на пациентот, со што ќе се отворат термини за нови пациенти, нагласи министерот.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека се инвестирани над 700 илјади евра за набавка на нов современ апарат за литотрипсија, поточно апарат за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт којшто се очекува да го олесни третманот на пациентите кои по интервенцијата ќе можат да си заминат дома. 

- Се работи за апарат од најновата генерација и токму во оваа Болница е практично третиот во државата што е на ниво повисоко од другите што ги имавме. Со тоа се овозможува современ и брз третман на пациентите, но и олеснување на работата на здравствените работници, како и на Клиниката каде ќе нема потреба од подолго задржување на пациентите. На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза. Томосинтезата на дојка е револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка со што за 30 проценти се зголемува точноста при интерпретација на мамографиите. Овој апарат е инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика, а инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ехо на дојка, со што ќе се овозможи да се врши и мамографија и ехо на дојка, рече премиерот. 

Тој додаде дека со овие нови апарати ќе се зголеми ефикасноста во рано детектирање на ракот на дојка, а воедно ќе се растеретат капацитетите на здравствениот систем преку тоа што ќе се даде можност овие проверки да се прават на повеќе места отколку што тоа беше случај досега. 

- Набавен е и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника. Вкупната инвестиција за новите апарати кои имавме можност да ги видиме денеска изнесува околу 1 милион евра, пари кои се обезбедени од Министерството за здравство. Сè ова е надополнување на серијата наши инвестиции во здравството, кое континуирано го подобруваме и модернизираме, посочи премиерот, осврнувајќи се и на дел од реализираните проекти, рече Ковачевски. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан