• понеделник, 23 декември 2024

Новата балетска претстава „Пепелашка“ премиерно во НОБ на 19 и 25 ноември

Новата балетска претстава „Пепелашка“ премиерно во НОБ на 19 и 25 ноември
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Новата балетска претстава „Пепелашка“ #Љубов од Сергеј Прокофјев во кореографија на Александар Илиќ од Србија, премиерно ќе се прикажува в сабота, 19 ноември, на сцената во Националната опера и балет (НОБ). Претставата е наменета за сите возрасти и претставува спој меѓу класиката и модернизмот. Кореографот на претставата, која за првпат се поставува на сцената на НОБ, е Александар Илиќ од Србија, а костимографот е Катерина Радошевиќ Галиќ од Хрватска. Како што појасни директорот на Националната опера и балет, Васко Ристов, на денешната прес-конференција, станува збор за современ балет во три слики. Раководителката на балетот, Олга Панго рече дека претставата е создадена во еден посовремен контекст, за разлика од нејзината класична верзија која се прикажува на другите светски сцени. - Кореографот Александар Илиќ е човек кој долго време работи како кореограф и е познат на кореографската сцена на Балканот, но исто така е и професор на Институтот за современ танц во Белград. Со него разговаравме пред речиси година дена за тоа каква претстава сакаме да имаме и што е она што сакаме да и понудиме на публиката. Одлучивме дека не сакаме претстава само за одредена возраст, туку да е наменета за поширок аудиториум. Затоа, претставата е сказна за сите возрасти, рече Панго на прес-конференцијата. Според кореографот Александар Илиќ, класиците се неизоставен дел од нашиот живот, имаат голем удел во детството, но потребно е да им се навратиме и во подоцнежните години, затоа што имаат значајна и неминлива порака. - Кога почнав да размислувам околу самата изведба на „Пепелашка“, важно ми беше да ги задржиме сите постулати на оригиналното вибрето или синопсис, но сепак на некој начин да се следи и современост или денешното време. Сакавме да создадеме претстава, која ќе може да комуницира преку современ кореографски вокабулар, појасни Илиќ. Тој на денешната прес-конференција напомена дека работењето на оваа претстава за него беше голем предизвик. - Претставата беше предизвик за мене во секоја смисла. Никогаш претходно не размислував за „Пепелашка“ како за интересен предлог за балетска претстава, затоа што сите досегашни класични поставки се вистински класични балети во траење од повеќе од три часа. Ние нашата „Пепелашка“ ја сместивме во еден потполно поинаков временски оквир, во 70-ти години. Поточно, во време на популарноста на филмот „Брилијантин“, со најпознатата улога на Џон Траволта, и со самото тоа се поигравме со нашата „Пепелашка“ во тоа време, рече Илиќ. Со оваа претстава, како што рече, оставаат порака да младите луѓе, а тоа е дека во животот постојат бајки, но постои и зло. Исто така, постои добродушност, верба во подобро утре, љубов и секако како и во секоја бајка, постои среќен крај. Костимографката Катерина Радошевиќ Галиќ од Хрватска напомена дека претставата е наменета за деца од седум години, до 88-годишна возраст. - Кога ги гледав пробите, можам да кажам дека постоеше голема магија драматуршки. Претставата не е во стилот на Дизни, бидејќи постои модернизам и класика. Би сакала балетот тука од Скопје, да добие можност да гостува и во други региони, да одиме во Сплит, во Загреб, но и Дубровник, рече Радошевиќ Галиќ. За сценографот Филип Коруновски, да се работи на оваа балетска претстава е голем предизвик, но како што рече, фасциниран е од професионалноста од тимот во целиот процес. Во претставата, меѓу другото, играат Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Саша Евтимова, Марија Јосифовска Ристовска, Драган Кочоски, Ендру Кук, Кристијан Јангос и Гала Кочевска, Марина Анастасовска, Меланија Гоцевска, Мартина Димовска, Ивана Димковска, Симона Колиштркоска, Илијана Данилов. Дизајнот на звукот е на Георг Драушник од Хрватска, а дизајнот на светлото на Милко Александроб.  Асистент-кореограф е Саша Евтимова и Мојца Мајцен од Словенија, а асистент-костимограф е Ангела Богеска. Втора премиера на претставата е закажана за петок, 25 ноември, во 19 часот. бт/аа/

Остани поврзан