• четврток, 14 ноември 2024

Нинг: Изјавата на Бајден дека Си е диктатор е исклучително погрешна

Нинг: Изјавата на Бајден дека Си е диктатор е исклучително погрешна

Пекинг, 16 ноември 2023 (МИА) - Кина денеска како „исклучително погрешна“ ја осуди оценката на американскиот претседател Џозеф Бајден дека кинескиот претседател Си Џинпинг е „диктатор“, откако двајцата лидери го завршија самитот во Калифорнија. 

Запрашана за коментарите на Бајден, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, кажа дека таквиот говор е исклучително погрешен и неодговорна политичка манипулација и дека Кина цврсто се спротивставува, јави „Чанел Њуз„ (Channel News). 

-Мораме да истакнеме дека секогаш има луѓе со задни намери кои се обидуваат да посеат раздор и да ги нарушат кинеско-американските односи, а ниту тоа нема да успее, додаде Нинг.

Таа одби да разјасни на кого мисли со кажаното, додавајќи дека мисли дека секој еден кој се обидува да поткопа и посее раздор меѓу Кина и САД го знае тоа. 

Бајден и Си на самитот се договорија да ја обноват воената комуникација меѓу двете земји и да соработуваат во борбата против трговијата со дрога. Но, зборувајќи по неговиот состанок со Си, американскиот претседател на новинарите им кажа дека сè уште го смета кинескиот претседател за „диктатор“. 

Бајден предизвика бес во Пекинг и претходно годинава, кога ја изнесе истата оценка за својот кинески колега. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан