• четврток, 26 март 2026

Никушор Дан: Потребна е сериозна општествена дебата за независноста на судскиот систем во Романија

Никушор Дан: Потребна е сериозна општествена дебата за независноста на судскиот систем во Романија

Букурешт, 17 декември 2025 (МИА) – Романскиот претседател Никушор Дан денеска најави дека на 22 декември во претседателската палата „Котрочени“ ќе организира средба со претставници на судската власт за да се разговара за проблемите во правосудниот систем, јави националната агенција Аџерпрес.

За време на посетата на Лондон, Дан информираше дека веќе десетина магистрати изразиле желба за учество, а пристигнати се и околу 50 материјали со укажувања за состојбите во судството. Тој нагласи дека сака „сериозна дебата“ која ќе вклучува и можност за доверливи разговори за оние кои се плашат јавно да зборуваат, но и простор за одбрана на оние кои се јавно обвинети.

Поводот за оваа иницијатива е документарниот филм „Заробено правосудство“ на истражувачкиот сајт „Рекордер“, кој минатата недела предизвика масовни протести низ Романија. Во истражувањето, судии сведочат за притисоци врз нив со цел одлагање на големи корупциски предмети до нивна застареност.

- Кога имате 1.000 од вкупно 7.000 судии кои тврдат дека има проблеми, тоа е многу сериозен сигнал. Ќе ни бидат потребни два до три месеци за детална анализа на фактите пред да излеземе со конечен заклучок, истакна Дан.

На прашањето за можни оставки на министрите за внатрешни работи и за правда, како и на претседателката на Врховниот суд, Дан појасни дека тоа не е во негова директна надлежност, но вети дека јавно ќе го соопшти својот став доколку се утврди вина кај одредени функционери. ссм/

фото: архива

Остани поврзан