• понеделник, 23 декември 2024

Николоски: Местото на Македонија е во ЕУ, а не во било каква друга форма на сојузување

Николоски: Местото на Македонија е во ЕУ, а не во било каква друга форма на сојузување
19 мај 2022 Во интервјуто за порталот „Макфакс“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски рече дека местото на Република Македонија е во ЕУ, а не во други форми на сојузување. „За нас мислам дека е многу лошо. Јас за оваа работа не сакам да зборувам во прво лице еднина, но мислам дека досега сум еден од ретките можеби и единствен политичар кој што излезе со  чист став. Дури за ова прашање и напишав авторски текст за неделникот „Фокус“ во најновиот број, каде што јасно го презентирам овој концепт. Идејата на претседателот Макрон е многу едноставна, ЕУ да остане во овој состав, евентуално да влезе некоја развиена земја од Европа, а паралелно на тоа да се формира Европска втора лига во која што би влегле два типа  на држави. Помалата група на држави се земјите кои што не сакаат да влезат во ЕУ од типот на  Велика Британија која што излезе и Швајцарија која што не сака да влезе во ЕУ, и Норвешка која што исто така не сака да влезе во ЕУ. И поголемата група се земји кои што сакаат да влезат во ЕУ, но според европските земји не ги исполнуваат критериумите, тука се балканските земји, и поранешните републики од Советскиот сојуз. И мислам дека јавноста ќе се согласи дека не е едно симпатично друштво за Македонија да е во друштво на Косово, Босна, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија, Украина. Не мислам дека тоа е добро друштво за државата“, истакна Николoски. Николоски укажа дека дополнително таа што ја нарекуваат Европска политичка заедница би бил еден многу лабав сојуз односно многу лабава форма на сојузување која што ќе нема никаква извршна и економска моќ. Тоа ништо суштински нема да и помогне на Македонија. „Проблемот е поголем што за оваа идеја веќе позитивно се произнесе претседателот Европскиот Совет односно Шарл Мишел кој што имаше настап во јавноста вчера и кажа дека за брзо време, во текот на летото ќе свикаат конференција на која што веќе ќе почне да се имплементира оваа идеја. Што значи дека ова оди на брза трака. Тоа што дома ме загрижува, тоа што нема јасен став во Владата дека местото на Македонија е во ЕУ, а не во било каква друга форма на сојузување. Ме загрижува што портпаролот на Влада рече дека ова е добра идеја. И ме загрижува што неколку ликови кои што се блиски до власта пишуваат текстови дека ова е добра идеја. Јас не мислам дека е добра идеја, затоа што ја става Македонија во една крајно проблематична група на држави кои што имаат сериозни проблеми, кои што имаат проблеми со внатрешната функционалност “, рече Николоски. Николоски: Ако се бара Бугарите да влезат во македонскиот Устав, Бугарија да изгласа обврзувачка Декларација дека нема да има други барања, затоа што нивните барања не застануваат Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за „Макфакс“ вели дека проблемот со Бугарија е дека нивните барања не застануваат и затоа доколку тие сакаат Бугарите да влезат во македонскиот Устав потребно е во нивното народно Собрание да се изгласа Декларација дека нема да имаат дополнителни барања. Сепак, според Николоски, Бугарија служи како изговор на други земји кои не се убедени дека Македонија треба да започне преговори и затоа нема никаков притисок. - Сега имам чувство дека Бугарија служи за некаков добар изговор за неколку земји членки од ЕУ, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори ЕУ. Нас не не блокира најсилната земја членка, туку најслабата, а врз Бугарија не се врши притисок. Постојат многу форми кои можат да се направат особено врз Бугарија. А во нашата ситуација ни велат земете со Бугарија договорете се. А барањата на Бугарија се да прифатиме дека сме Бугари и дека имаме бугарски јазик, што е неприфатливо, изјави  Николоски. Николоски истакна дека доколку ЕУ е убедена дека Македонија треба да почне датум за ЕУ ќе прати дипломатски тешкаш во Бугарија кој за еден ден ќе изврши притисок. Тој се осврна и на предлогот од ВМРО-ДПМНЕ да Бугарија даде правно обврзувачки гаранции дека нема повеќе да има други барања и да блокира. - Ние дадовме многу фер предлог, не знам колку се спремни да го разговараат актуелните власти во Македонија и Бугарија, а тоа е доколку се бара да се отвори Уставот со цел да влезат Бугарите во македонскиот Устав, треба бугарското Народно Собрание да усвои Декларација право обврзувачка во која што ќе кажат дека немаат дополнителни барања. Затоа што клучниот проблем со Бугарија е дека барањата не застануваат, потенцираше Николоски. Тој додаде дека веќе има еден проблематичен договор со Бугарија, тоа е од Договорот од 2017, наречен Договор за пријателство кој има многу проблематични работи, но и тој договор не е доволен за Бугарија, па ја усвоија заедничката позиција на бугарското Национално Собрание која оди надвор од договорот. - Јас сум убеден дека ако сега Македонија направи чекор за 6 до 12 месеци ќе има нови барања од Бугарија и тоа ќе стане една приказна која никогаш нема да заврши, затоа што имаат право да го користат ветото и во текот на преговорите и можат да ги блокираат кога сакаат. Во такви услови Македонија ако направи концесија, мора да има правно обврзувачки акти на бугарската држава во кои јасно ќе се каже дека ова е последното барање кон Македонија и јасно е ќе се заштити македонскиот народ и македонскиот јазик, нагласи Николоски. Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ _______________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан