• четврток, 21 ноември 2024

Николоски: Корупцијата не почнува и не завршува со Мерко

Николоски: Корупцијата не почнува и не завршува со Мерко

Скопје, 25 јуни 2023 (МИА) - Потпртеседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, коментирајќи го ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа на САД, рече дека криминалот не почнува и завршува со Мерко, туку дека е во врвот на власта. 

- Корупцијата ниту почнува, а ниту завршува со Мерко. Многу повисоко е. Корупцијата во Македонија е во врвот на власта и во врвот на останатите полуги на она што значи власт во Македонија, не само во извршната власт, туку и во останатите власти. Така што корупцијата доаѓа од првенците на власта во Македонија. Вториот феномен е што Македонија си дозволи да се покрене една цела лавина за корупциски активности само откако надворешна странска држава посочи дека има криминал и корупција, а претходно институциите беа заспани, рече Николоски во централниот дневник на „Сител“.

Според него, со отворањето на оваа црна листа на тест се ставени и европските интеграции на земјата, бидејќи, како што посочи, според информациите што ги има, најмалку две големи земји членки на ЕУ ќе мониторираат што се случува со луѓето кои се ставени на црната листа.

- Тие размислуваат и сами да направат црна листа и да го стават на тест целото македонско општество во насока на тоа како се однесува со овие пораки. И тоа ќе е клучно и теоретски да се реши проблемот со Бугарија, тоа ќе е тест дали на Македонија ќе и се дозволи да преговара за членство со ЕУ, рече Николоски.

Смета дека е потребно од шест до девет месеци да се среди состојбата со криминалот и корупцијата, само доколку има политичка волја.

На прашањето како предметот за партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ се чува во фиока и дали ВМРО-ДПМНЕ има се уште влијание врз судството, Николоски рече дека власта има целосна контрола врз судството и обвинитеството.

- Во однос на прашањето што го поставил Димитар Ковачевски, треба самиот да го одговори истото затоа што имаат целосна контрола врз обвинителството и судството. И не точно е дека случаите стојат во фиока, ако некој има политички прогон тоа е ВМРО-ДПМНЕ и членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Над 3000 членови се или под истрага, или под обвинение или на суд што е класичен политички прогон и најчесто врз политички монтирани процеси, рече Николоски. бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан