• недела, 22 декември 2024

Николовски: Со новиот закон за вино лозарите добиваат поголема поддршка

Николовски:  Со новиот закон за вино лозарите добиваат поголема поддршка

Кавадарци, 2 февруари 2024 (МИА) – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната средба со лозарите во Кавадарци, ги информираше лозарите дека новиот закон за вино, подготвен од министерството, веќе е во собраниска процедура и очекуваме негово донесување до 4 април оваа година.

– Нашата искрена грижа за овие два важни сектори ја потврдуваме и со подготвениот нов закон за вино. Закон што на лозарите конечно им дава гарантирана откупна цена на винското грозје. Закон кои го оцртува идниот развој на овие важни сектори“, истакна министерот Николовски. Тој додаде дека не беше ниту малку лесно да се подготви ваков закон, а притоа да нема никакви забелешки, ниту од винариите, ниту од лозарите. Потребно беше многу труд, енергија, состаноци со винариите, со лозарите, за да се подготви решение кое ќе биде прифатливо, а со тоа и успешно решение, истакна на средбата министерот Николовски.

– Со овој нов предлог Закон за вино ќе се утврдува производната цена на винското грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, предвидено е да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството, истакна министерот Николовски.

Преку новиот закон системот за заштита на географските индикации на виното во целост се усогласени со европското законодавство, предвидувајќи истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Дополнително со новиот закон за вино следува и поголема поддршка за лозарите, бидејќи во законот се предвидува подготовка на посебна програма за директна поддршка во лозарството. Токму затоа во интерес на лозарите неопходно е брзо и без блокирање, донесување на ова важно законско решение.

– Новиот закон за вино се подготвуваше посветено, во директна консултација со земјоделците, винариите, научната јавност и земјоделските здруженија. Со овој закон ги развиваме овие значајни сектори, го зголемуваме извозот на македонско вино, и го позиционираме уште повисоко на винската мапа, рече министерот. На средбата со лозарите во Кавадарци присутни беа и државниот советник за рурален развој, Трајан Димовски, раководителите на секторите за рурален развој и секторот лозарство, винарство и овоштарство, како и пратениците Панчо Минов, Даниела Колева и Лолита Ристова. свд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан