• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: Компресорската станица работи без прекин, клиниките можат да кажат зошто не работат хируршките сали

Николовски: Компресорската станица работи без прекин, клиниките можат да кажат зошто не работат хируршките сали

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) - Компресорската станица работи без прекин. Клиниките што користат операциони сали можат да кажат што е проблемот, велат од Заеднички служби на Клинички центар. 

Раководителот на секторот за техники работи во „Заеднички служби“ Стојче Николовски денеска во изјава за медиумите рече дека компресорската станица во последните два месеца работи без прекин и дека надлежност на клиниките е да откријат од каде доаѓа лошата миризба. 

- Ние сме надлежни само за техничкиот аспект на струја, вода, канализација, гасови и други области што ги покрива Секторот за технички работи во рамки на Заедничките служби, подвлече Николовски, додавајќи дека денеска е пристигнат претставник на германската фирма за да се направи уште едно вонредно испитување. 

Николовски посочи дека во моментот сите клиники се опслужуваат со два компресора и тие работат без прекин.

- Пред два месеца имаше мал дефект, тој траеше два дена, тоа беше прекин од оправдани објективни причини. Во компресорската станица, за тие што помалку знаат, постојат три такви компресори што работат истовремено. Едниот беше дефект пред околу два месеца и тој е исклучен од употреба. Во моментот работат и сите клиники се опслужуваат со два компресора. Тие работат без прекин континуирано целиот овој период. Во моментот, компримиран воздух се користи, истакна Николовски.

Потсети дека од фирмите што го прават сервисот, е побарано мислење и дека денеска е пристигнат претставник од германската фирма за уште едно вонредно испитување.

- Доколку најдат причинител во нашиот дел ќе ни ги кажат препораките нам, доколку причинителот е во операционите сали, ќе дадат препораки за клиниките. Во досегашните испитувања е утврдено дека е пожелно да се сменат компресорите, рече Николовски. 

Запрашан дали инсталацијата треба да биде променета, тој рече дека тоа треба да го кажат, тие што ги вршат испитувањата.

Појасни дека според неговите сознанија, хируршкиот блок е проектиран околу 1986 година и пуштен во употреба околу 1991 година, а во меѓувреме имало проширувања, надградби. 

Операционите сали на хируршките клиники не работат 17 дена, а министерот за здравство Илир Демири минатата недела на прес-конференција изјави дека овие сали се стари околу 30 години. На 30 март, Министерството за здравство информираше дека министерот испратил допис до Владата. бд/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан