• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: Исплатени субвенции за тутун во вредност од околу 1,5 милијарда денари (ДПЛ)

Николовски: Исплатени субвенции за тутун во вредност од околу 1,5 милијарда денари (ДПЛ)

Скопје, 11 април 2024 (МИА) - На сметките на околу 14.300 тутунопрозводители денеска се исплатени субвенциите за реколтата од 2023 година во вредност од близу 1,5 милијарда денари, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Министерот Николовски појасни дека се исплатени субвенциите за договорен и предаден ориентиран ароматичен тутун и според него, ова е најголемата исплата и поддршка на тутунопрозводителите. 

Тој информира дека субвенциите се исплатени на сите оние кои ги исполнуваат условите, без никакви притисоци, списоци, партиски поделби...

Чесно и рамноправно со едно решение и една исплата во еден ден за сите тутунопрозводители, потенцира Николовски.

Потсети дека минатогодишната реколта тежела околу 14.763 тони и дека целата количина била навремено откупена. 

- Она што посебно значи е што оваа година заедно со земјоделците постигнавме највисока откупна цена досега. Тутунот од реколтата 2023 година има рекордна откупна цена од 365 денари за килограм за целокупната количина предадена тутун, нагласи Николовски. 

Додаде дека денес се исплатени и субвенциите коишто од оваа година се зголемени за дополнителни 20 денари за сите три класи. Со тоа зголемување, субвенцијата за тутунот од прва класа за првпат достигнува сума од 100 денари. 

- Тоа значи дека ако на откупната цена од 365 денари додадеме и 100 денари по килограм за субвенции се достигнува износ од 465 денари за килограм тутун, рече Николовски, најавувајќи уште посилна поддршка на тутунопроизводителите.

Николовски потсети на досегашните мерки за поддршка, како зелена нафта, укинување на белите картончиња или белите листови за откуп, донесување нов закон, укинување на субвенцијата од само 60 денари по килограм без оглед на класи. Креиравме, како што рече, нов модел на субвенционирање уште во 2017 година и по класи... 

На прес-конференцијата присуствуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски, кој потенцира дека денеска е реализирана досега најголемата поддршка за тутунопроизводителите. 

-Вклучувајќи ја оваа исплата, од почетокот на годината до денес од програмата за финансиска поддршка во земјоделството се исплатени над четири милијарди денари што претставува 68 отсто од вкупниот буџет на програмата за мерките за растително и сточарско производство. Со овие средства реализирана е поддршката за одржување лозови насади и остварено призводство на грозје, поддршка за одржување овошни насади и остварено призводство на овошје, дополнителни три денари за предадена јаболка во откупни центри или преработувачки капацитети, рече Бачовски.

Информира дека исплатена е и финансиската поддршка за засеани и ожнеани површини со полјоделски култури без и со користен сертфициран семенски материјал, како и финансиска поддршка за производство на градинарски култури.  Во делот на сточарското проиводство, реализирани и исплатени се основните и дополнителните субвенции за одгледувачите на овци, основните плаќања за одгледувачите на говеда, кози и пчели... Најави дека во идниот период Агенцијата ќе продолжи со реализација на дополнителните директни плаќања за одгледувачите на говеда, кози и пчели, директни плаќања за органско производство, за земјоделци кои имаат поризводство во подрачја со ограничени можности... мд/ац/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан