• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: Има огромен интерес за програмата ИПАРД 3 кај земјоделците, но и за развој на руралниот туризам

Николовски: Има огромен интерес за програмата ИПАРД 3 кај земјоделците, но и за развој на руралниот туризам

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) – Ресорниот министер Љупчо Николовски вели дека има огромен интерес за мерките 1 и 7 од програмата ИПАРД 3 за кои е распишан буџет од 30 милиони евра, а има апликации за над 100 милиони евра. Тоа, според него, покажува дека земјоделците знаат за ИПАРД и дека се добро информирани и оти вродила со плод кампањата што ја спровеле.

-Прва земја сме од сите кориснички на ИПАРД програмата која во 2023 година доби зелено светло за почеток на програмата ИПАРД 3. Веќе го објавивме повикот за мерките 1 за примарно производство за набавка на трактори и механизација  и 7 за руралниот туризам. Според првичните информации имаме доста сериозни и квалитетни апликации, рече Николовски во одговор на новинарско прашање при посетата на канцеларијата на Источниот плански регион во Штип.

Најави дека в понеделник заедно со директорот на Платежната агенција ќе ги соопштат точните бројки по однос на мерките 1 и 7 и додаде дека има огромен интерес кај земјоделците и агробизнисмените, но и за развој на руралниот туризам.

-Програмата ИПАРД 2 ја завршивме како земја која го искористи целиот буџет кој беше ставен на располагање на апликантите и за целиот буџет има склучено договори. Пет години по ред враќаме нула евра во европската каса, а претходно во ИПАРД 1 се вратија 55 милиони евра неискористени средства. Сега немаме неискористени средства и има огромен интерес на последниот повик во ИПАРД 2 кој беше распишан во октомври за мерката 3 за набавка на опрема, посочи Николовски.вј/вдј/

Фото: МИА

Остани поврзан