• четврток, 26 декември 2024

Николовски: ВМРО-ДПМНЕ бара бришење на делови од предложената преговарачка рамка

Николовски: ВМРО-ДПМНЕ бара бришење на делови од предложената преговарачка рамка
Скопје, 6 јули, 2022 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски денеска по средбата на партиските работни групи во Клубот на пратеници ги претстави предлог забелешките на оваа партија кон Општиот став на ЕУ за преговарачката рамка и Заедничкиот став на ЕУ за преговорите за пристапување. - Првата точка во која што интервенираме е точка три од Општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат. Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен, независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македонскиот јазик кој што ќе станува дел од документите на ЕУ, и предлагаме јасно да пишува дека документите на ЕУ од „Акито“ и сето останато во преговорите ќе бидат на македонски јазик, изјави Николоски. Николовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ бара и во точка пет од Преговарачката рамка да се брише последната алинеја, која што го вклучува Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година. како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12. - Во точка пет се ставени критериумите според кои што Македонија ќе напредува. За сите држави тоа се Копенхашките критериуми и договорите за стабилизација и асоцијација, само за Македонија се додаваат билатералните договори и специјално членот 12 во кој што е предвидено дека Бугарија ќе има контрола врз нашата историја, нашите учебници, нашето образование и нашата самоидентификација, тоа не можеме да го прифатиме и затоа бараме да се избрише, додаде Николоски. Тој понатаму објасни дека неговата партија бара во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“ односно да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите. - Второ, бараме да се избрише точката 11 која што гласи „оваа преговарачка рамка ќе ви ја презентираме врз основа на Општиот став на ЕУ за време на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш што Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени“. Ние сметаме дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ, подвлече Николовски. Како следно барање е да се избрише точка 13 од преговарачката рамка која што исто така, како што посочи Николовски, го дели преговарачкиот процес. - И финално точка 14 од преговарачката рамка во која што пишува дека „во таа насока го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана согласно членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија, овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионална соработка кои што остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот од стабилизација и асоцијација“, предлагаме да се избрише условувањето со усвојување на протоколот и следни протоколи кои што би ги имала Македонија со Бугарија, затоа што тие протоколи се уценувачки за Македонија и во истите се бара ревизија на македонската историја, македонската култура и самобитност, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој повторно ги повика граѓаните на денешниот протест во 19:00 часот. На новинарското прашање околу менувањето на преговарачката рамка, тој рече дека преговарачката рамка може да се менува се додека не биде усвоена од страна на земјава - Се додека Македонија не ја усвои, таа може да се менува. А тоа што СДСМ ветиле на друго место дека преговарачката рамка ќе ја прифатат таква кава што е понудена е нивен проблем, не е проблем на Македонија.  Преговарачката рамка може да се менува затоа што додека не ја прифати Македонија како страна, истата не е во сила, рече Николовски. Прашан за неговото мислење околу причината „зошто власта го крие протоколот“, рече дека причината според него е затоа што „протоколот е лош“. - Во дел од јавноста делови од истиот излегоа и она што го видовме е навистина лошо, може да замислите тоа што не излезе колку е лошо, и затоа не го вадат во јавноста, тврди Николоски. На прашањето дали ќе продолжат да разговараат, Николоски рече дека се спремни секој момент да разговараат за усвојувањето на нивните шест барања со коишто, според него, се штитат сите национални и државни позиции. - Доколку власта е спремна овие наши шест барања да ги имплементира во двата основни документи коишто се дел од овој предлог и да побара истите во Брисел да бидат инкорпорирани овие два документи и се додека не бидат инкорпорирани, да не ја усвојува преговарачката рамка, да, спремни сме да разговараме, во спротивно нема што да разговараме, одговори тој. Николовски рече и дека Собранието не ја усвојува преговарачката рамка, туку тоа го прави Владата, а Собранието нема улога во тоа. - Улогата на Собранието ќе дојде само во ситуација доколку се побара промена на Уставот, а доколку се побара промена на Уставот, ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот, така што Уставот нема да биде променет, подвлече Николовски. Во однос на различните толкувања на делови од документите од страна на власта и опозицијата, Николовски рече дека во однос на македонскиот јазик и на останатите прашања, разликата помеѓу нив и власта е дека „тие читаат документи, а власта раскажува“. - Ако не е историјата проблем, зошто протоколот е во преговарачката рамка?  Во однос на рамката која е усвоена од 27 земји членки на ЕУ, таа секогаш може да биде променета доколку видат цврста позиција на македонската страна. А доколку видат дека на македонската страна единствено ги интересира „Пи-Ар“ и сликање, тогаш ќе стигаат вакви и полоши предлози. Потребно е да има цврста позиција од македонската страна и верувајте дека може да добиеме многу, многу подобар документ и подобра преговарачка рамка, додаде Николовски. фф/сх/

Остани поврзан