• среда, 22 јануари 2025

Нетанјаху: Целта на воената операција во Џенин е зајакнување на безбедноста

Нетанјаху: Целта на воената операција во Џенин е зајакнување на безбедноста

Ерусалим, 21 јануари 2025 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека големата операција на израелската армија во Џенин на Западниот Брег е „уште еден чекор кон постигнување на зацртаната цел: зајакнување на безбедноста во Јудеја и Самарија“, библиското име на територијата.

Операцијата наречена „Железниот ѕид“ се очекува да трае неколку дена, објавија израелските медиуми.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека најмалку шест лица загинале, а 35 се ранети во израелска операција во Џенин на окупираниот Западен Брег.

„Ние дејствуваме на систематски и решителен начин против иранската оска каде и да испраќа оружје - во Газа, Либан, Сирија, Јемен, Јудеја и Самарија“, рече Нетанјаху во изјавата објавена од неговиот кабинет.

Исламистичката организација Хамас, која владее со другата палестинска територија, Појасот Газа, повика на зајакнување на борбата против Израел како одговор на израелската воена операција во Џенин, пренесоа агенциите.

Во Појасот Газа од неделата во сила е прекинот на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, која трае повеќе од 15 месеци.

Израел ги освои Западниот Брег, Газа и Источен Ерусалим во блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците се борат за независна држава која ќе ги опфати сите три територии. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан