• понеделник, 25 ноември 2024

Нетанјаху е добро откако ноќеска му е вграден песмејкер, продолжуваат демонстрациите против судската реформа

Нетанјаху е добро откако ноќеска му е вграден песмејкер, продолжуваат демонстрациите против судската реформа

Тел Авив, 23 јули 2023 (МИА) - Здравствената состојба на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „добра“ по инсталирањето на електростимулатор за срце (пејсмејкер), соопшти утринава болницата Шеба.

Нетанјаху беше хоспитализиран во текот на ноќта за да му биде вграден пејсмејкер во болничкиот центар Шеби во Тел Авив.

„Премиерот ќе остане под медицински надзор на одделот за кардиологија“, се додава во соопштението на болницата.

Пред една недела 73-годишниот Нетанјаху ноќта ја мина во болница поради вртоглавица.

После тоа, лекарите решиле да го следат неговиот срцев ритам преку Холтер монитор, објасни минатата недела професорот Амит Сегев, шеф на кардиологија во Шеба.

Премиерот повторно е хоспитализиран еден ден по масовните протести во Тел Авив и Ерусалим против судските реформи што сака да ги спроведе неговата влада и кои сериозно ја поделија земјата.

Демонстрантите се против реформите во судството за ограничување на овластувањата на Врховниот суд.

Десетици илјади демонстранти вчера маршираа низ улиците на Тел Авив и протестираа пред парламентот во Ерусалим против контроверзните реформи во правосудството, кои парламентот најверојатно ќе ги изгласа веќе утре.

„Демократија или револуција“, скандираа демонстрантите во Тел Авив за време на 29-тиот ден од општа мобилизација на населението.

Протести вчера се одржаа и во Бершева, на југот на земјата, Херцлија и Кфас Саба, северно од Тел Авив.

Владата објаснува дека со реформата се бара балансирање на овластувањата и намалување на ексклузивните права на Врховниот суд, Извршната власт смета дека Врховниот суд е политизиран на штета на Парламентот, но неговите противници тврдат дека постои ризик да се сврти во авторитарна насока.

Во израелскиот парламент, Кнесетот, од денеска почнува расправата за точка од реформата, која има за цел да ја укине способноста на судот да се изјасни за „разумниот карактер“ на владините одлуки.

Таа клаузула ќе биде предмет на гласање во второ и трето читање и, доколку биде усвоена, ќе биде првата компонента на судските реформи што може да се преточи во закон.

Со цел да се изврши притисок врз народните претставници, илјадници демонстранти вчера се собраа пред Кнесетот и Врховниот суд во Ерусалим, откако поминаа 65 километри од Тел Авив и Светиот град.

Носејќи израелски знамиња, колона демонстранти, вооружени со чадори за да се заштитат од пеколните горештини, маршираа по главниот автопат кон Ерусалим под звукот на тапаните и антивладините слогани.

Неколку стотици демонстранти подигнаа шатори пред парламентот за да преноќат таму.

Тие сметаат дека актуелната религиозна влада на Нетанјаху е екстремистичка и дека сака да ги укине демократијата и човековите права. сд/

фото:МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан